среда, 6 декември, 2023
Philanthropist and co-founder of Microsoft, Bill Gates (L) and his wife Melinda talk, after being awarded Commanders of the Legion of Honor at the Elysee Palace in Paris, France, April 21, 2017. REUTERS/Kamil Zihnioglu/Pool

Која е Мелинда Гејтс, ПОРАНЕШНАТА ЖЕНА во сенка на моќниот сопруг и како ќе го поделат ОГРОНМНОТО БОГАТСТВО

“После многу размислување и многу работа на нашата врска, донесовме одлука да го прекинеме нашиот брак. Во текот на изминатите 27 години, одгледавме три неверојатни деца и изградивме фондација која работи низ целиот свет за да им овозможи на сите луѓе да живеат здрави и продуктивни животи. Таа мисија ќе продолжи и ќе работиме заедно во фондацијата, но повеќе не веруваме дека можеме да растеме заедно како двојка во следната фаза од нашите животи “, напишаа тие во заедничката изјава објавена на Твитер од Бил Гејтс.

Се знае за Бил Гејтс, коосновач и поранешен директор на Мајкрософт, до неодамна најбогатиот човек на светот и филантроп кој донира голем дел од своето богатство во заедничката фондација „Бил и Мелинда Гејтс“. Покрај јавно достапните информации, за Гејтс кружат секакви небулозни теории на заговор, поради неговиот добротворен ангажман во борбата против пандемијата и развојот на вакцината против коронавирус.

Но, многу помалку се знае за Мелинда Гејтс. И токму таа играла клучна улога во развојот и водењето на визијата за Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс во она што е денес – една од најголемите и највлијателните добротворни организации во светот, со фокус на јавното здравство, образованието и климатските промени.

Мелинда Гејтс е родена во 1964 година во Далас, Тексас. Нејзиниот татко, Реј Франшн, бил аеронаутички инженер, а нејзината мајка, Елејн Френч, била домаќинка. Бидејќи и самата жалела што не отишла на колеџ, Елејн Френч силно ги охрабрувала Мелинда и нејзините три браќа и сестри да студираат. Младата Мелинда развила интерес за компјутери уште во средно училиште, по што дипломирала компјутерски науки на Универзитетот Дјук во 1986 година, а потоа магистрирала деловна администрација.

После студирањето, Мелинда Френч се вработила во Мајкрософт во 1987 година како менаџер на производи, каде што, се разбира, го запознала својот иден сопруг. Бил и Мелинда се запознале на компјутерски саем во Менхетен. Набргу потоа, тие започнале романтична врска која траела шест години, пред тој да ја запроси. Тие се венчале во 1994 година на Хаваи.

За девет години во „Мајкрософт“, Мелинда Френч била унапредена во генерален директор на информативни производи, но потоа ја напуштила компанијата за да се посвети целосно на семејниот живот. Бил и Мелинда Гејтс имаат три деца: Џенифер, Фиби и Рори Гејтс. Посебно интересно е што Гејтс пред неколку години објавил дека ќе им остави само 10 милиони долари во својот тестамент на своите деца, што значи дека планираат да донираат дури 99,96% од своето богатство во добротворни цели по смртта.

Бил и Мелинда Гејтс го основале претходникот на сегашната фондација уште во 1994 година, заедно со Вилијам Гејтс Постариот, наречена Фондација Вилијам Х. Гејтс. И тогаш во 1999 година тие ги споиле со уште две фондации што ги основале во меѓувреме, Фондацијата за библиотеки Гејтс и Фондацијата за учење Гејтс. Така настанала фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Иако фондацијата првично имала за цел да ги сподели компјутерите и производите на „Мајкрософт“ со библиотеките низ САД, сепак Мелинда Гејтс е заслужна за проширување на работата за глобалниот развој на образованието, а потоа и за борбата против глобалната сиромаштија и болести, пишува Biography.com.

Откако милијардерот и инвеститор Ворен Бафет, пријател на Бил Гејтс, ветил повеќегодишна донација од дури 30 милијарди долари за нивната фондација во 2006 година, Мелинда Гејтс ја преструктуирала фондацијата, делејќи ја на три оддели: Оддел за глобално здравје, Глобален развој и образование и потреби на локалните заедници во САД. Една од главните цели тогаш стана онаа за која е најпозната фондацијата: финансирање и развој на стратегии за спречување на заразни болести, кои мачат милиони низ целиот свет, како што се ХИВ / СИДА, маларија и туберкулоза, преку развој и дистрибуција на вакцини и лекови.

Во 2012 година, Мелинда Гејтс вети и лична донација од 560 милиони долари за подостапна контрацепција за жените од третиот свет. И нивната фондација исто така има програма за студентски стипендии преку програмата Gates Millennium Scholars.

„Бил и јас веруваме дека образованието е одличен израмнувач“, објасни Мелинда Гејтс за една од своите цели во објава на Фејсбук.

Во 2016 година, Мелинда Гејтс го доби и Претседателскиот медал за слобода, највисокото цивилно признание во Соединетите држави доделено од самиот претседател. На неа, како и на нејзиниот сопруг, им го додели тогашниот претседател Барак Обама врз основа на нивната добротворна работа преку фондацијата.

Гејтс собрале десетици милијарди долари во текот на годините за нивното основање, кое во моментов има средства во износ од дури 46,8 милијарди долари. Лично, од 1994 година, кога започнале со добротворна работа, до 2019 година, донирале 45,5 милијарди долари преку оваа и другите споменати фондации што ги основале во 90-тите години на минатиот век.

Форбс со години ја вклучува на својата листа на највлијателни жени на светот. 2018 година беше шеста на таа листа, веднаш зад Ангела Меркел и Тереза Меј.

Во статија за списанието „Тајм“, Мелинда Гејтс најави дека ќе донира милијарда долари во следните 10 години за зајакнување на влијанието на жените во САД.

“Сакам да видам повеќе жени на позиции за донесување одлуки, контролирање на ресурсите и формирање политики и перспективи. Верувам дека вреди да се инвестира во потенцијалот на жените – како и луѓе и организации кои работат на подобрување на животот на жените”, објасни таа.

И кога пандемијата го погоди светот минатата година, како што предупредуваа Бил и Мелинда Гејтс со години порано, борбата против болеста стана главен фокус на фондацијата – пред се преку кофинансирање на развојот на вакцината против коронавирус.

Во интервју за Блумберг минатиот месец, Мелинда Гејтс истакнала дека иако нивната фондација донирала стотици милиони долари за развој и производство на вакцини и тестови за ковид-19, државите и нивните ресурси играат голема улога – иако филантропите “можат да помогнат да дадат пример“.

Во својата книга „ The Moment of Lift: How Empowering Women Changes The World“ (Моментот на подигнување: Како моќта на жените го менува светот), објавена во 2019 година, Мелинда Гејтс артикулира уште една цел на своето добротворно дело: „Како можеме да повикаме момент на воздигнување човечки суштества – особено жени? Затоа што кога ќе воздигнете жени, вие го возвишувате човештвото “.

Иако се разведуваат, Мелинда и Бил Гејтс најавија дека ќе продолжат со партнерството во фондацијата.

“Нема планови за промена на нивните улоги или на самата организација. Тие ќе продолжат да работат заедно за да ги обликуваат и одобруваат стратегиите, да се залагаат за теми за основање и да ја одредат целокупната насока на организацијата”, се вели во соопштението на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари