Филипче се сретна со семејството на Верица Белчовска: Чест ми беше да ги запознаам, нивната големина ме остава без зборови

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска имаше средба со семејството на Верица Белчовска, кое одлучи да ги дарува органите на прерано починатата девојка, со што се спасени неколку животи.

„Денес се сретнав со семејството на Верица, младата девојка која трагично го загуби животот, но чие семејство ги донираше нејзините органи. Со овој чин досега спасија три животи.

Чест ми беше да ги запознаам овие луѓе чија големина и алтруизам оставаат без зборови. Во име на Владата и мое лично име им ветив дека ќе добијат целосна поддршка за решавање на проблемот со вработувањата кои ги имаат и уште еднаш им се заблагодарив од срце за нивниот несебичен гест.

Органодарителството е највисок чин на хуманост, драго ми е што се повеќе граѓаните стануваат свесни за неговата важност.“, напиша Филипче.

Пред неколку дена семејството Стајиќ, основачи и сопственици на компанијата Gulf Oil во Македонија, му донираа милион денари на семејството на трагично починатата Верица Белчовска, кое дозволи нејзиното срце и останати органи да бидат донирани.

„Белчовски во најтешките моменти одлучија да ги донираат органите на нивната ќерка и сестра, а нејзиното срце и бубрези спасија живот на тројца млади луѓе, на возраст од 22, 27 и 40 години“, објави семејството, по трансплантацијата на срцето и двата бубрези.

„Да се донесе одлука да се даруваат органите на своето дете во моменти кога го губите засекогаш, потребно е многу сила, љубов и хуманост – да мислите на туѓ живот кога го губите своето најмило. Белчовски во овие моменти се неутешни и не постои збор што може да ја намали нивната болка која им ја гребе душата и не им дава мир. Луѓето кои носат вакви одлуки се посебни.

Не постои човек кој не им е бескрајно благодарен, бидејќи ни покажаа дека живот сепак може да се подари“, се додава во информацијата проследена од сопствениците на компанијата.

Извор: mk.tv21.tv

Коментари

коментари

error: Content is protected !!