Зоран Заев реизбран за претседател на СДСМ

Зоран Заев повторно е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на 22. Конгрес на партијата, што се одржа денеска во Скопје.

Радмила Шекеринска останува заменик – претседател на партијата. На Конгресот беше избран Централен и Надзорен одбор, а во текот на наредната недела ќе бидат избрани и четворица потпретседатели.

-Пред нас е долг пат, барам од вас да продолжите да верувате и да работиме темелно. Да создадеме општество на еднакви вредности и шанси. Тоа е патот до ЕУ и НАТО. Македонија има со што да се гордее, граѓаните со пенкало срушија режим и се на чекор до нова Влада. Направивме многу, ќе направиме уште повеќе, подготвен сум на тој пат. Уште оваа вечер подгответе се на патувањето наречено живот. Да го донесеме животот во Македонија за сите, рече Заев по неговиот реизбор.

Претходно во обраќањето на отворањето на Конгресот, Заев рече дека партијата добила поддршка од граѓаните.

-Граѓаните одлучија на избори да градат партнерство со една партија, базирано на принципи, одговорност, демократија. Така победивме и за тоа сме им должни на граѓаните. Посветено ќе работиме и ќе се потрудам да ја оправдаме вашата доверба и овозможиме еднакви шанси за сите во владата и во општеството, истакна Заев.

Посочи дека имаме големи предизвици како држава и како граѓани и дека само неполитизирано општество води кон економски развој. – Ќе работиме на создавање, а не на рушење. Тоа се нашите стратешки определби: демократија, отвореност, слобода, просперитет, еднакви можности. Наши партнери се Европската унија и НАТО и наша цел е да ги обезбедиме евро-атлантските перспективи, додаде Заев.

Шекеринска рече дека четири години целта им била да создадат доверба кај сите оние со кои соработувале за доброто на оваа држава.

-Создававме впечаток на партија која знае што сака, создадовме впечаток на луѓе кој знаат кај ја движат државата и партијата и најважно од се, создававме впечаток на луѓе, организација, партија, кои се добронамерни и се борат не за позициите, туку за шансите којшто ќе и ги донесат на својата земја. Затоа во изминативе 4 години успеавме да го зголемиме партнерството наше, создадовме партнерство со многу граѓански, независни организации. Создовме партнерство со многу политички партии, но создадовме партнерство со различни луѓе и институции кој влијаат на одлуките на меѓународна сцена, рече Шекеринска.

Денеска, посочи, повторно ја баравме и ја добивме вашата доверба за сега да го создадеме истиот впечаток, меѓутоа не за себе, и не само за нашата партија, сега сакаме тој впечаток да го создадеме за нашата татковина.

На Конгресот присуствуваат поранешниот претседател Бранко Црвенковски, гости од Европскиот парламент и гости од сестрински партии од соседните држави.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!