понеделник, 19 април, 2021

СЗО: Нема причина да не се користи „АстраЗенека“

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нема причина да не се користи вакцината АстраЗенека откако повеќе европски земји престанаа да ја користат таа вакцина за коронавирус како превентивна мерка.

„Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината АстраЗенека , нема причина да не ја користиме“, рече Маргарет Харис, портпарол на СЗО, на брифинг со новинарите во Женева.

Данска, Исланд и Норвешка во четвртокот објавија дека превентивно ќе ја прекинат употребата на вакцината Астразенека, а Бугарија го објави тоа еден ден подоцна.

Данската национална здравствена агенција, прва што ја објави одлуката, повика на претпазливост поради „сериозните случаи на згрутчување на крвта кај вакцинирани лица“, иако „во моментов“ не е воспоставена врска помеѓу вакцината и појавата на згрутчување на крвта.

На почетокот на неделата, Австрија престана да дава Астразенека по смртта на медицинска сестра (49) од „сериозни нарушувања на коагулацијата“ неколку дена по вакцинацијата.

Англо-шведската лабораторија, која ја произведе Астразенека, и британската влада истакнаа дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Портпарол на СЗО истакна дека експертите на таа организација ги проучувале информациите за појавата на згрутчување на крвта, но додаде дека во моментот не е воспоставена последична врска.

„Треба да се осигураме дека ги проучивме и прегледавме сите безбедносни предупредувања при дистрибуција на вакцини, но нема индикации дека не треба да ги користиме“, додаде таа.

Германија жали што некои европски земји ја прекинаа употребата на АстраЗенека.

Германскиот министер за здравство изрази жалење што некои европски земји ја запреа употребата на вакцината за коронавирус на Астразенека по извештајот дека кај лицата кои ја примиле се појавиле згрутчување на крвта, иако нема докази дека вакцината е одговорна за тоа.

Министерот Јенс Спан рече дека Германија многу, многу сериозно прифаќа извештаи за можни несакани ефекти од вакцините, но дека и Европската агенција за лекови (ЕМА) и германското тело за набудување на вакцините велат дека нема докази за зголемување на опасно згрутчување на крвта поврзани со вакцини.

„Жалам што, врз основа на информациите од утрово, некои земји во ЕУ ја прекинаа вакцинацијата со вакцината Астраженека“, изјави Спан пред новинарите во Берлин.

Спан рече дека во моментов нема докази за каузална врска помеѓу згрутчувањето на крвта и вакцинацијата, додавајќи дека е важно да се воспостави рамнотежа помеѓу претпазливоста и подигнувањето на алармот.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!