среда, 22 септември, 2021

Пресуда за Сашо Мијалков и за останатите за „Таргет Тврдина“ – Денеска во фокусот на јавноста

Во фокусот на јавноста денеска ќе биде првостепената пресуда за предметот „Таргет Тврдина“, особено што неделата што изминува беше турбулентна по бегството на обвинетиот Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција, под контроверзни околности.

Обвинителката Ленче Ристоска, во завршните зборови за главниот предмет за незаконското прислушување кое се вршело од 2008 до 2015 година побара максимални казни за Мијалков, како и за останатите.

Под контроверзни околности барањето на Обвинителството за затворски притвор беше заменето со куќен за поранешниот директор на УБК откако истиот два дена не беше достапен за органите на прогонот.

По два дена полициска потрага и сомнеж за бегство, тој сам се појави во Обвинителството за организиран криминал и корупција во Скопје.

За медиумите изјави дека бил болен, поради што заминал во изолација. Штом слушнал за потрагата по него, веднаш се појавил во Обвинителството, каде што му беше врачено решението за куќен притвор, коешто му беше изречено поради сомнеж за бегство. Тврдеше дека не планирал да бега. 

Јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска рече дека Мијалков преку посредници побарал да се пријавил токму во Обвинителството за организиран криминал и корупција. За повлекувањето на жалбата за затворски, наместо куќен притвор, таа рече дека тоа е сторено за да не се губи време.

„Јас сум тука, не сум побегнат. Сакам да потсетам на мојот даден збор дека јас никогаш нема да бегам. Имав висока температура околу 40 степени и бев изолиран. Имав симптоми како за коронавирус. Ѝ се извинувам на целата јавност, им се извинувам на владата и на правосудните институции што предизвикав непријатности“, кажа Мијалков. 

Кусо потоа, Обвинителство соопшти дека на Мијалков му е врачено решение за куќен притвор и 24 часовен видео и аудионадзор.

Брифинг-извори пак изминатиот период наведоа дека Мијалков се испазарил да не добие казна поголема од пет години и тој да не мора веднаш да оди во затвор туку да има право на жалба во Апелација и предметот за де развлече колку што е можно подолго.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пак рече дека нема пазар со Мијалков и дека очекува денешната судска одлука да го потврди тоа. Спасовски тврди дека никој не преговара за ништо и не преговарал со Мијалков за тој да се предаде и оти изрекувањето на пресудата во петок е работа на судот, а тоа ќе ги расчисти сите овие, како што рече, можни дилеми за тоа.

Според Ристовска, Обвинителството неспорно докажало дека обвинетио Грујевски ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Тони Јакимовски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетата Гордана Јанкулоска сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетиот Никола Бошковски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Сашо Мијалков сторил кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Според Обвинителството, Надица Николиќ сторила кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, сториле кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”, како и дека обвинетата Валентина Симоновска, сторила кривичнo делo „фалсификување службена исправа“. 

Агенцијата за национална безбедност има имотно-правното побарување од 1.418.897 евра за штетата од уништувањето на опремата.  Судењето по предметот започна на 22 декември 2017 година. 

Во 2019 Мијалков беше осуден на тригодишна затворска казна са случајот „Титаник 2“ за местењето на изборни резултати, но Апелациониот суд ја укина пресудата на Основниот суд поради „незаконита и неправилна постапка“.

Извор: fokus.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!