недела, 28 февруари, 2021

Златан во „Клубот 500“, импресивни бројки зад името на легандарниот фудбалер

Шведскиот напаѓач во редовите на Милан, Златан Ибрахимовиќ, со двата голови во триумфот над Кротоне изминатиот викенд ја надмина бројката од 500 постигнати голови.

Во својата клупска кариера, 39-годишниот Ибрахимовиќ досега има одиграно 825 натпревари на кои постигна 501 голови, распоредувајќи ги низ 22 сезони во дресовите на девет различни екипи.

Кариерата ја започна во 1999 година во дресот на Малме постигнувајќи 18 голови, продолжи со 48 голови за Ајакс, 26 за Јувентус, 66 за Интер, 22 за Барселона, 56 за време на својот прв престој во Милан, 156 за Пари Сен-Жермен (ПСЖ), 29 за Манчестер јунајтед, 53 за ЛА Галакси и 27 досега по своето враќање во редовите на Милан.

За шведската репрезентација Ибрахимовиќ постигна 62 голови на 116 натпревари.

-Овие бројки значат дека сум постигнувал некои голови во кариерата, но морам да продолжам за да и помогнам на екипата на најдобар можен начин. Мојата работа е да постигнувам голови и да создавам шанси за постигнување голови, изјави Ибрахимовиќ по влегувањето во „Клубот 500“.


Шведскиот напаѓач зад себе има 13 сезони со над 20 постигнати голови, во пет сезони ја надмина бројка од 30 голови, а негов најплоден период беше во дресот на ПСЖ каде во текот на четири сезони постигна 35, 41, 30 и 50 голови.

Досега во кариерата изведе 91 удари од белата точка, реализирајќи 77.

-Можеме само да му честитаме. Тоа е неверојатен ефект, но, сепак, во прашање е неприкосновениот број 1, шампион. Сакам само повторно да му честитам и да му порачам дека не мора да застане на оваа бројка, изјави актуелниот тренер на Ибрахимовиќ во Милан, Стефано Пиоли.

Извор: vecer.press

Коментари

коментари

error: Content is protected !!