петок, 29 септември, 2023

Д-р Докиќ: Пациенти со прележан ковид се гушат само при станување да отидат до тоалет!

Пациенти кои прележале ковид-19 пред еден или два месеци ја полнат Клиниката за пулмологија. Последиците кои ги остава коронавирусот кај некои пациенти бараат понатамошна хоспитализација, рехабилитација и работа. Иако официјално не се позитивни на вирусот, некои пациенти сепак имаат проблеми со белите дробови и потреба од нега, пишува Слободен печат

Директорот на Клиниката за пулмологија, доктор Дејан Докиќ за „Слободен печат“ оваа ситуација фигуративно ја опишува како последици после „војна”. Литературата опишува дека промените во организамот после прележан ковид може да траат и до три месеци, а може и да се повлечат.

Запрашан да ги опише пациентите кои имаат пост ковид компликации тој вели дека станува збор за немоќност да се отиде ниту до тоалет без да се дише тешко.

-Имаат тешкотии во дишењето и им паѓа сатурацијата при седнување, при одење до тоалет и одеднаш се манифестира со тешко дишење, некои искашлуваат секрет, некои не, а инаку се ковид негативни со прележан вирус, додава доктор Докиќ.

Моментално Клиниката за пулмологија во Скопје работи на стратегија како да ги згрижи овие пациенти, во соработка со други установи кои имаат услови за рехабилитација во Јасеново и во Козле.

Доктор Докиќ потенцира дека во моментов кислородните концентратори за пациентите кај кои ќе нема никакво подобрување, ни по рехабилитацијата, би требало да бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување и за тоа ќе испрати барање. Моментално кислородни концентратори по индикација им се даваат на некои пациенти кои се борат со ХОББ хронична белодробна опструктивна болест по одредени критериуми.

Министерството за здравство за „Слободен печат“ тврди дека пациентите кои се лекуваат од Ковид 19 на инфективните одделенија ја добиваат припишаната терапија вклучувајќи ја и кислородната терапија доколку е потребна, по што истите се отпуштаат со издадено стручно мислење и препорака од страна на лекарот специјалист.

,,Во текот на целиот третман на инфективните одделенија, пациентите работат со физиотерапевт или болничар кој е обучен да ги даде потребните вежби за дишења, инхалации и слично, а отпишувањето на пациентот се прави само доколку се утврди значително подобрување на општатата состојба, по што се препорачува опоравок во домашни услови или по потреба да се продолжи со рехабилитацијата. Потешките случаи кај кои е потребно подолго време за опоравување го продолжуваат лекувањето врз основа на препорака дадена од страна на специјалист во Институтот за физикална медицина и рехабилитација. Во целокупниот процес на лекување, пациентите се комплетно згрижени во сите фази од лекувањето”, додаваат оттаму.

Извор: slobodenpecat.mk

Коментари

коментари