среда, 1 декември, 2021

Левица: Езерото Треска го изгради народот, власта не смее да го користи за свои бизниси

Политичката партија Левица, денес реагираше во јавност со писмена реакција поради усвојувањето на ДУП-от од страна на општина Сарај за претварање на езерото Треска во туристички – бизнис центар.

„Девастирањето и состојбата во која денес се наоѓа езерото Треска, најдобро ги симболизира економските политики на транзициските политички елити, кои од солидарно градениот имот оставија единствено пустош и руини, кои сведочат за едно друго време. Деновиве градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети и Општина Сарај го усвоија новиот детален урбанистички план за „ревитализација“ на езерото Треска, кој содржи елитен спортско-рекреативен центар со базени, аквапарк, простор за забава за деца и возрасни, викенд куќички, хотели и трговски центар, а чија вредност се проценува дека би била околу 200 милиони евра.Само пред неколку месеци, Бектеши изјави дека градењето хотели и трговски центри на Треска е спротивно на идејата за развој на туризмот.

Во меѓувреме Општината започна и со уривање на објектите и камповите на езерото,, кои пред четириесет години беа изградени со самопридонес на граѓаните издвојувајќи за негова изградба од своите работнички плати. Истите работници, кои во 1978 година солидарно го изградија езерото и таму имаа камп приколки, денес се под притисок на општината, која им определи рок до февруари да ги отстранат, заканувајќи се со интервенција на полицијата. Беџети, во типичен насилнички стил претпознатлив за криминалната коалиција, се закани дека камперите мора да бидат отстранети од езерото, обвинувајќи ги дека нелегално изградиле цврсти градби на местата каде имале приколки.

Градоначалникот Петре Шилегов, иако тврдеше дека на самото езеро Треска не се работи ништо (туку само во неговата околина), очигледно повторно го прави она што најдобро го знае т.е. манипулира со јавноста, прикривајќи ја сопствената неспособност да се соочи со проблемот и со своите предизборни ветувања, префрлајќи ги ингеренциите на општината Сарај (слично како и за платформата на Матка!) која веќе го реализира Деталниот урбанистички план.

Градоначалникот Блерим Беџети пак, тврди дека Општината само го направила планот, а понатаму постапката ќе ја води Владата, која ќе го прогласи овој дел за слободна туристичка зона, која треба да прерасне во туристичка атракција.

И повторно имаме случај на префрлање на ингеренциите, се’ додека се изгуби трагот – кој навистина е виновен за оваа узурпација и приватизирање на јавното добро. Сето ова се прави во интерес на лукративните бизниси на двете партии на власт, кои очигледно многу добро соработуваат кога се матни зделки во прашање.“

ИЗВОР: antropol.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!