Фудбалот е повеќе од игра. Football is more than a game. El fútbol es más que un juego. Fußball ist mehr als ein Spiel. Il calcio è più di un gioco. Футбол это больше чем игра. Nogomet je više od igre. Фудбал је више од игре. Futbolli është më shumë se një lojë.
Многу различни зборови на многу различни јазици, но со една порака – ФУДБАЛОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ИГРА.
Нашата редакција имаше можност да разговара со Никола Марковски, млад фудбалер кој на еден поинаков начин го претставува фудбалот во нашата држава, но и во светски рамки. Никола е дечко од кого може многу да се научи, но и да се извлече една важна поука – системот мора да се промени и да овозможи секоја една личност да има можност да успее во она што се труди и во тоа што вложува сопствен труд.

Никола е роден на 11-ти декември 2002-ра година, тој од самото раѓање има деформација на десната рака, но тоа не му претставува проблем, напротив како што вели за него тоа е мотив повеќе да игра успешно на фудбалските терени.
Марковски е член на фудбалскиот клуб Брегалница од Делчево, клуб кој во минатото настапуваше и во Прва лига, а моментално се наоѓаат во Трета лига – исток, каде се први на табелата и имаат високи амбиции за пласман во Втора лига – исток.

Никола ни откри за дел од своите почетоци во фудбалската игра и љубовта кон овој спорт. Неговиот брат Виктор Марковски, кој е постар четири години активно игра фудбал, моментално настапува за второлигашот Каменица Саса.
-Уште во раното детство, на само 5 годишна возраст ги гледав магиите на фудбалскиот виртуоз Лионел Меси и се вљубив во фудбалот. Уште тогаш започнав активно да играм фудбал, со мои другари, веќе на 12 години започнав да тренирам, а на 15-годишна возраст бев дел од младинскиот тим на Брегалница Делчево. Најголема инспирација, но воедно и поддршка да успеам како фудбалер е мојот постар брат Виктор, кој исто така своите почетоци ги имаше во Брегалница Делчево.

Виктор (22) и Никола (18)
Марковски добива шанса од клупата од тренерот Попов, а истата ја користи на одличен начин. И покрај не толку големата минутажа на терен, во оваа есенска полусезона Никола постигна два гола во победата над Работник со 6:1 на стадионот „Гоце Делчев“ во Делчево.
-Натпреварот против Работник засекогаш ќе го паметам. На средбата најважно победи Брегалница, но средбата ќе ја паметам и по двата постигнати погодоци. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи за голема поддршка и тимска игра. По овој натпревар мојата самодоверба е на високо ниво и подготвен сум и во пролетниот дел од сезоната да го дадам својот максимум.
Брегалница заврши на првата позиција и е есенски шампион. Тимот има желба да се пласира во Втора лига – исток.

-Во првиот дел од сезоната максимално се трудевме и на крајот сосема заслужено го освоивме првото место. Нашите амбции се големи и сакаме да го задржиме првото место до самиот крај, со што ќе се пласираме во Втора лига. Сето тоа ќе биде предизвик за нас како тим, кој верувам дека успешно ќе го совладаме. Наш најголем конкурент за тоа според мене ќе биде Детонит од Радовиш.
Никола како за крај упати една порака до секој човек во државата. Упати порака до луѓето кои не ги прифаќаат различностите, но и луѓето кои имаат проблем со инвалидтет.
-Луѓето кои имаат инвалидност, самите мислат дека имаат пречки кон одредени работи, поради што воопшто не се обидуваат тоа да го променат. Јас лично сум убеден и тврдам дека со голем труд и работа може да се постигне се и да се оствари секоја желба!