понеделник, 19 април, 2021

Субвенции за ПВЦ прозори, печки на пелети, сончеви колектори и панели за производство на електрична енергија – Усвоена програмата за обновливи извори на енергија

Премиерот Зоран Заев, денеска на својот фејсбук профил ја сподели информацијата дека е усвоена Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година.

Во информацијата пишува дека предвидено е да се искористат 52.000.000 денари за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на:

  • Сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30%, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство и до 70%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство, за лица со ниски примања;
  • ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за категоријата на лица со ниски примања;
  • Печки на пелети во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за лица со ниски примања;
  • Фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство.

Оваа информација беше споделена и во соопштението за јавност на Владата на РСМ, во кое се споделени деталите и кој се ќе може да аплицира за ваквата поддршка. Истото подолу го пренесуваме во целост.

На 39-та седница на Владата на РСМ, На предлог на Министерството за економија, беше разгледана и усвоена Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година.

Според истата, предвидено е средствата од дел I на оваа програма во вкупен износ од 52.000.000,00 денари да се користат за следните мерки:

  1. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30%, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 6.000.000 денари;
  2. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 70%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 2.000.000 денари за лица со ниски примања;
  3. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 19.000.000 денари;
  4. надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 3.000.000 денари за категоријата на лица со ниски примања;
  5. надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на печки на пелети во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 11.000.000 денари;
  6. надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 3.000.000 денари за категоријата на лица со ниски примања.
  7. надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 8.000.000 денари.

Корисници на оваа програма во категоријата на лица со ниски примања се:

а) лицата со ниски примања кои се вработени или едниот брачен другар да е вработен и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 30.000,00 денари.

б) лицата со ниски примања кои се пензионери или едниот брачен другар да е пензионер и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 20.000,00 денари;

в) ранливи потрошувачи како што се дефинирани во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2021 година.

Надоместокот на дел од средствата од дел II од оваа програма ќе го остварат лицата кои досега не користеле средства од Буџетот на Република Северна Македонија за наведените мерки во дел II од оваа програма.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!