петок, 26 февруари, 2021

Награда од 50.000 фунти за „тврдоглав месојад“ кој ќе биде веган на 3 месеци

Веганска компанија им нуди на „најголемите месојади во Велика Британија“ шанса да заработат 50.000 фунти со тоа што ќе станат вегани на три месеци.

Vibrant Vegan неодамна објавила дека бара „вегански љубопитен координатор“, тврдоглав месојад кој е подготвен да доживее исклучиво вегански начин на живот најмалку три месеци.

Избраното лице ќе мора да потпише договор со што ќе вети дека нема да консумира храна од животинско потекло три месеци, а во исто време да ги охрабри другите преку социјалните мрежи да пробаат веганизам. Доколку се држи до договорот, ќе заработи 50 илјади фунти, пренесува Oddity Central.

„Како што влегуваме во новата година, ние во Vibrant Vegan сакаме да ги покажеме не само здравствените и еколошките придобивки од веганизмот, за кои толку многу слушаме, но исто така потенцираме дека веганската храна може и треба да ја уживаат сите – дури и најголемиот љубител на месо во Велика Британија., рече Јан Бурк-Хамилтон, основач на Vibrant Vegan.

Идејата за претворање на месојадите во вегански љубопитен координатор на компанијата барем накратко била инспирирана од истражувањето спроведено на 15.000 месојади, во кое 34% од испитаниците признале дека се „љубопитни вегани “.

Компанијата исто така ќе обезбеди неограничени вегански оброци на избраниот, а на располагање ќе има и нутриционист.

Доколку успее да издржи три месеци, кандидатот ќе добие понуда да остане веган цела година. Vibrant Vegan тогаш ќе му обезбеди вегански оброци во вредност од 100 илјади фунти, под услов да прави еден вид дневник за исхрана на социјалните мрежи.

Кој кандидат ќе биде избран, компанијата ќе објави на 25 јануари, додека тестот започнува на 1 февруари.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!