сабота, 16 јануари, 2021

СЗО: Новиот вид на Ковид – 19 е регистриран во 50 земји

Бројот на земји и територии во кои е регистриран сојот на коронавирус од Велика Британија достигна 50, додека јужноафриканската варијанта е пронајдена во 20 земји, објави Светската здравствена организација (СЗО).

Третата мутација на вирусот, која ја објави Јапонија во неделата, може да влијае на имунолошкиот одговор и треба дополнително да се изучува.

„Колку повеќе се шири вирусот САРС-CoV-2, толку е поголем потенцијалот за мутација“, соопшти СЗО, истакнувајќи дека „високото ниво на инфекција значи дека треба да се очекуваат повеќе варијанти“.

СЗО прецизира дека британската варијанта на коронавирус е пронајдена во 50 земји, територии и области и дека варијантата идентификувана во Јужна Африка 501Y.V2 е пронајдена во 20 земји.

„Иако се чини дека оваа нова варијанта не предизвикува потешка форма на болеста, ненадејното зголемување на бројот на случаи предизвика притисок врз здравствениот систем“, соопшти СЗО.

Опсегот на географското ширење на двете варијанти е веројатно многу поголем, проценува СЗО.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!