сабота, 16 јануари, 2021

СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ ИРСКА: Врз сирачиња во католички домови со децении тестирале вакцини, 9000 починале

Според новиот извештај на ирската влада, околу 9000 деца починале во ирските црковни институции за невенчани мајки. Така, станува збор за околу 15 проценти од сите деца родени или што живеле во овие институции во период од 80 години.

Во извештајот се споменува и емоционалната злоупотреба на жените, особено за време на породувањето. Владините бројки покажуваат дека стапката на смртност кај новороденчињата во домовите каде што десетици илјади жени, вклучувајќи ги и силуваните, биле испраќани на породување е пет пати поголема од стапката на смртност кај новороденчињата во семејства родени од родители во брак.

Институциите од овој тип биле управувани во поголемиот дел од 20 век од страна на монахињи и други членови на Римокатоличката црква. Тие биле финансирани од државата и исто така функционирале како агенции за посвојување. Последниот ваков дом е затворен во 1998 година.

Жените кои родиле во вонбрачна заедница биле најгрубо третирани од татковците на децата и нивното потесно семејство. Но, таквиот став бил одобрен и од државните институции и црквата, се вели во извештајот.

Анкетната комисија на Институцијата за мајки и деца, исто така, ги испитала наводите дека некои деца од домовите биле користени за тестирање на ефектите од вакцини, без согласност на родителите. Идентификувале седум такви случаи на тестирање на вакцинација врз деца, кои се случиле од 1934 до 1973 година.

Поранешна штитеничка на еден од домовите за NBC News изјавила дека била користена во објект во Корк како „морско прасе“од семејство од Филаделфија за вакцини пред да бидат одобрени во 1961 година.

Извештајот додава дека институциите не биле во согласност со релевантните регулаторни и етички стандарди од тоа време, бидејќи ниту мајките на децата, ниту нивните старатели не дале согласност за ваквите тестови и не се добиени потребните дозволи.

Во овие институции завршиле жени кои останале бремени надвор од брак, што во тоа време било табу во конзервативната Ирска. Ирска е традиционално католичка земја, но деценискиот скандал и злоупотреба го наруши угледот на црквата и го ослабна нејзиното влијание.

Премиерот Михаел Мартин официјално ќе се извини и ќе обезбеди финансиска поддршка и ќе предложи закони кои бараат ископувања, ексхумации и, каде што е можно, идентификација на остатоците, се вели во соопштението на владата.

„Извештајот јасно покажува дека во Ирска постои задушувачка, репресивна и мизогинистичка култура со децении со сеприсутната стигматизација на немажените мајки и нивните деца“, рече министерот Родерик О’Горман.

Истрагата била започната пред шест години, откако доказите за масовни гробишта во Туам биле откриени од страна на локалната историчарка Кетрин Корлес, која била прогонувана од сеќавањата од детството на слабите деца од домот.

Остатоците на повеќе од 800 деца (од новороденчиња до тригодишни деца) биле погребани помеѓу 1925 и 1961 година во само еден од домовите, се забележува во извештајот.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!