Од 14 јануари Србија ги укинува ПЦР тестовите за македонските граѓани

Мерката задолжителен негативен ПЦР тест за странците, но и за своите државјани, Србија ја воведе во пресрет на новогодишните празници, на 20 декември.

Србија од четврток, 14 јануари, ќе ги укине задолжителните ПЦР тестови за државјаните на Северна Македонија, го информирала српската премиерка Ана Брнабиќ по премиерот Зоран Заев во телефонски разговор утрово.

„Премиерката Ана Брнабиќ го информираше премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји“, соопштија од Владата.


Србија воведе задолжителен негативен ПЦР тест за сите странци и свои државјани кои влегуваат на нејзина територија од 20 декември 2020, мерка која првично требаше да трае до 10 јануари.

Вчера, српскиот Кризен штаб на седница одлучи да предложи да се продолжат сите постоечки рестрикции, но според информацијата која ги соопштија од Владата во Скопје, мерката за задолжителен ПЦР тест за нашите државјани, сепак, ќе се укине.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама, во октомври минатата година постигнаа договор државјаните на трите земји да може да ги минуваат граничните премини без ПЦР-тест, договор кој беше ставен во мирување од 20 декември. Тројцата тогаш договорија и дека државјаните на трите земји може да се лекуваат во болниците во која било земја доколку се разболат од ковид за време на престојот.

Извор: 360stepeni.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!