понеделник, 19 април, 2021

Информација за сите што аплицирале за финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата: Ќе се одобрат 9,2 милиони евра за над 350 проекти

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги информира сите апликанти, кои во текот на 2020 година аплицирале за добивање на финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата, поточно преку Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства”, дека во финална фаза е обработката на барањата и дека ќе бидат искористени 9,2 милиони евра за над 350 проекти.

Никица Бачовски, директорот на Агенцијата, информира дека се очекува да се одобрат над 350 соодветни барања, а апликантите во наредниот период ќе бидат повикани за да ги потпишат договорите.

„Вкупната финансиска поддршка за сите над 350 барања изнесува 9,2 милиони евра. Со потпишуваање на овие договори, целосно ќе биде искористен буџетот за Мерка 1 – ,Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства’ кои беа одобрени со програмскиот опериод 2014 – 2020, односно, ќе се превземат финансиски обврски за сите расположиви средства од оваа мерка”, вели Бачовски.

Преку оваа мерка, велат од Агенцијата, се реализираат инвестиции кои се однесуваат на следните приоритетните сектори: растително, сточарско производство, преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделското стопанство, производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка.


Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратен грант во износ од 60 проценти од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за оваа мерка и до 65 проценти за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и 70 проценти за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Преку искористувањето на средствата од ИПАРД 2 ќе се обезбеди достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за одржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост, се вели во соопштението од Агенцијата.

Извор: mkd.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!