сабота, 16 јануари, 2021

Ќе има ли конечно попис на населението во 2021?

Законот за попис кој е во собраниска процедура ја кочи работата на Државниот завод за статистика да почне да ги спроведува теренските активности, како што се формирање на пописни комисии, изборот на попишувачи, избори на реонски инструктори, вели Јован Сапунџиоски раководител на секторот на социјални статистики при Државниот завод за статистика.

„Голем број на подготовките ни се завршени. Сега се очекува да се донесе закон кој што е во законска процедура и кој што го очекуваме во секој момент за да можеме да почнеме со некои теренски активности кои што се потребни за пописот, за формирање на пописни комисии, изборот на попишувачи, избори на реонски инструктори“, вели Сапунџиоски.

Сапунџиоски додава дека пандемијата може да влијае врз спроведување на пописот, но смета дека успешно ќе се спроведе.

„Се подготвуваме како да нема пандемија. Сите подготовки како што беше зацртано според програмата за работа за пописот се завршени. Го чекаме законот за попис и да почнеме полека. Сепак пандемијата може да има влијание и некоја улога во целата оваа работа, но ние сметаме дека успешно ќе ја спроведеме оваа акција која што ни стои 18 години не спроведена“, рече Сапунџиоски.

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и да го почитува пописот, а идната влада ќе спроведе кредибилен попис по сите стандарди на ЕУРОСТАТ и другите институции на Обединетите нации, рече денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на партијата, Стефан Андоновски.

„Зошто не се објавува методологијата на попишување која што требаше да биде интегриран дел на Законот за попис за сите да ја видат? зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст кои што секако треба да се набават и е законска обврска за локалните избори кои ќе се одржат оваа година“, рече Андоновски.

Од Алијанса за Албанците и Алтернатива бараат пописот да го спроведува Државна пописна комисија, наместо, како што тоа е предвидено Државниот завод за статистика.

„Имаме наши амандмани особено кон рокот кој треба да се заврши истиот попис да биде до 30 април за да не остане некоја единица да биде непопишана. Ние ќе бараме реализацијата да не ја води Заводот за статистика затоа што како коалиција ние немаме доверба во скоро еднонационална институција во која што од 9 раководни места нема ниеден Албанец“, рече Скендер Реџепи.

За владејачкото мнозинство не се прифатливи барањата ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на Алијанса Алтернатива. Пописот не смее и нема да зависи од волјата на политичките партии и нивните лидери, велат од СДСМ.

„Пописот како статистичка операција според највисоките меѓународни стандарди на ЕУ ќе го организира и спроведе Државниот завод за статистика. Со предлог законот за попис имаме за цел оваа статистичка операција, сега но и во иднина да не се третира повеќе како политичко прашање. Тие сега излегуваат со некој предлог за фингерпринт. Јас само едно ќе поставам прашање, дали тие навистина сакаат да имаме попис во 2021 или не сакаат“, вели Калеска-Ванчева.

Владата најави дека годинава ќе спроведе попис на населението, прв по 18 години. Законот за попис е во собраниска процедура и се очекува да се најде на собраниска седница на усвојување по 18 јануари. Македонија во 2011 година се обиде да спроведе попис, но обидот пропадна. Ова прашање во земјава е со висок политички набој, зашто етничките права, според Уставот, произлегуваат од процентот на население. Брисел во последниот извештај на Европската Комисија нотираше дека попис на населението мора да се спроведе во текот на 2021 година.

Извор: tv21.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!