сабота, 16 јануари, 2021

Пониски сметки за ручек во кафана, отколку нарачка за дома

Се намалува ДДВ за храна во угостителските објекти, се зголемува за кетеринг услугите.

Од денеска стапија на сила законските измени, со кои се намалува Данокот на додадена вредност за одредени услуги. Тоа требаше да ги намали и цените кои ги плаќаат граѓаните за нив. Но бизнисмените се скептици. Велат после година со ковид-криза и рестрикции во работењето – не ќе можат веднаш да направат корекции. Угостителите велат прво треба да заздрават од шоковите.

Граѓаните наместо 18 за храната што ќе ја купат во објектите ќе плаќаат 10 отсто, но за кетеринг услугите ДДВ од 5 се зголемува на 10 проценти. За алкохолните пијалоци останува 18 отсто. Според угостителите ваквите измени нема да влијаат на крајната цена на производите и услугите во угостителството.

Нова повластена стапка од 5 проценти има и за занаетчиските услуги. Тука влегуваат фризерските услуги, поправката на велосипеди, на чевли и производи од кожа, како и поправката на облека и постелнина.

Угостителите велат дека ваквата мерка требало одамна да биде донесена бидејќи ја практикуваат речиси сите развиени економии, затоа што нема директни импликации врз буџетот, а ќе помогне за подобрување на ликвидноста и работењето на угостителите.

Во новата година се чека и петтиот пакет економски мерки. Владата најави дека на почетокот на 2021 ќе излезе со нова поддршка за граѓаните и фирмите за полесно справување со последиците од корона кризата.

Извор: Телма

Коментари

коментари

error: Content is protected !!