Лекување според „политичка дијагноза“

Пишува: Дарко Тодоровски

Во германската клиника „Шарите“ која што е позната во цел свет се лекувале и се лекуваат голем број на политичари, претседатели, премиери, бизнисмени, од Источна Европа и од поранешниот Советски Сојуз. Својата историја болницата Шарите ја влече од 18 век. Во последните 16 години Шарите многупати беше во центарот на вниманието, поради лекувањето, како и политичката дијагноза за ред случаи, пред се на Виктор Јушченко, Јулија Тимошенко и најновиот случај со Алексеј Навални, кои што се обвиткани со мистерија и со шпионски игри. Во овие случаи политиката и конфронтацијата помеѓу Истокот и Западот изби на прв план, пред здравјето на пациентите. 17 декември во Шарите како резултат на осложнувањата предизвикани од КОВИД-19 умре познатиот украински политичар, харизматичниот градоначалник на Харков Генадиј Кернес, кој што беше сакан и почитуван од најголемиот дел на граѓаните на Харков. На градоначалничките избори во 2015 и во 2020 година Кернес победи убедливо уште во првиот круг со повеќе од 60% од гласовите.

Генадиј Кернес со својата жена во клиниката Шарите

Кернес важеше за контроверзен политичар кој што постојано ги менуваше политичките кампови и коалиции, и истовремено беше бизнисмен кој што имаше криминална историја. Иако во Харков и во Украина Кернес беше обвинуван дека е проруски играч, во 2014 година Кернес ја поддржа револуцијата на „Мајден“ во Киев. Во текот на целиот свој политички живот Кернес имаше политички непријатели, особено после 2014 година, и за свој главен непријател го имаше Арсениј Аваков, министерот за внатрешни работи на Украина. На 28 април во 2014 година, додека џогираше над Кернес кој што водеше здрав начин на живот беше извршен политички атентат. Куршумот сериозни ги повреди белите дробови и црниот дроб, и следниот ден после атентатот Кернес беше префрлен на лекување во Израел, и израелските доктори му го спасија животот. Иако политички активен, Кернес остана во инвалидска количка до крајот на својот живот. Последиците од ранувањето, неговата старост, инфекцијата на КОВИД-19 кај Кернес поминуваше многу тешко. Но најверојатно при изборот на клиниката Шарите Кернес и неговите близки и сојузници направија грешка. При атентатот, Кернес кој што има еврејки корени, избра лекување во современа клиника во Израел и не згреши со изборот.

Најдобрата клиника во Германија, која што ги лечеше Виктор Јушченко, Јулија Тимошенко, други политичари и бизнисмени од Источна Европа и поранешниот СССР и, конечно, Алексеј Навални, не успеа да му помогне на Генадиј Кернес.

Чудните лекарски „дијагнози“

За време на Втората Светска Војна во клиниката Шарите се лекувале лидерите на нацистичка Германија, високи воени офицери и припадници на Гестапо.

Клиниката Шарите стана добро позната во Украина после чудното „труење“ на Виктор Јушченко за време на кампањата за претседателски избори во 2004 година, за кое никој не беше обвинет. Во септември 2004 година, кандидатот за претседател на Украина, кој беше еден од кандидатите на предизборната трка, се почувствува лошо и итно беше пренесен во клиниката Шарите во Германија. Веднаш се појавија гласини за неговото труење, за кои беа обвинети неговите политички конкуренти, но и руските тајни служби. Наскоро, на лицето на Виктор Јушченко се појавија непријатни манифестации на кожата – хлоракни, поради што тој беше популарно наречен „Шрек“. Сепак, труењето му донесе политички дивиденди, според различни проценки, како резултат на труењето и сочувството од украинците му донесоа дополнителни 4% од гласовите и Јушченко беше во можност да победи на изборите и да стане претседател на Украина. Но во клиниката Шарите не му дадоа точна дијагноза на случајот со Јушченко, и да биде ситуацијата позабавна, познатиот германски токсиколог, професор на клиниката Шарите, Гилберт Шонфелдер, му препорача на Јушченко да јаде обични чипс од компир, чија маст го отстранува диоксин.

Виктор Јушченко – пред и после труењето

Компетентните германски лекари не успееја или не сакаа да ги ги откријат причините за труењето на Јушченко. Сепак, повеќе или помалку конечна верзија за труењето се појави во 2009 година, кога авторитетното британско списание „Lancet“ објави студија за труење на Јушченко со диоксин (правилно – 2,3,7,8-тетрахлородибензоодиоксин или C12H4Cl4O2).

Чудниот медицински случај на бившата премиерка на Украина, Јулија Тимошенко, веќе зборува за политичката пристрасност на лекарите на Шарите. Уапсена и осудена во 2011 година за „злоупотреба на службената положба при склучувањето на договорот за купување на гас од Русија …“. Тимошенко секогаш се одликувала со екстремна активност, здрав начин на живот и спортување, но веднаш откако заврши во затвор објави за низа бројни болести.

Јулија Тимошенко во инвалидска количка

Во април 2012 година во затворската келија таа беше посетена од лекари од клиниката Шарите, кои тврдеја дека таа има хроничен хернијален диск и дека е невозможно да се лекува оваа добро проучена болест во Украина. Згора на тоа, во октомври 2013 година, шефот на Шарите, професорот Ајнхоипл, лично изјави дека без операција, Тимошенко нема шанси да се опорави. Сепак, понатаму започна политички циркуз. Ослободена во текот на украинската обоена револуција во 2014 година, Тимошенко патуваше околу Киев во инвалидска количка неколку дена, но чизмите со високи потпетици што ги носеше на нејзините нозе станаа популарен мем за забава за украинците. Потоа, ослободената затвореничка на „режимот на Јанукович“ замина во Берлин, каде по сесиите за физиотерапија веднаш застана на нозе.

Се разбира, случајот Тимошенко беше политички мотивиран, но зошто лекарите на Шарите треба да придонесат за политичка фарса, да учествуваат во политички игри? И, што е најважно, да се прогласи неизлечива болест, а потоа истата да се лекува без хируршки зафат.

Фамозниот „Новичок“

Во август 2020 година клиниката Шарите се најде во центарот на светското внимание поради Алексеј Навални и неговата здравствена состојба. Од една страна Западот ја обвинува Русија за труење со „Новичок“ на Навални во рускиот град Томск, додека официјална Москва ги отфрла ваквите тврдења и бара од Германија и Западот да и овозможат достап на Москва до резултатите за труењето на Навални. Москва тврди дека меѓународниот скандал со здравствената состојба на Навални не е од корист ниту на претседателот Путин ниту на неговото опкружување, и дека токму Путин дал зелено светло за лекување на Навални во Германија. За време на годишната конференција за новинари на прашањето за случајот Навални, Владимир Путин изјави дека доколку Русија сакала, Навални ќе бил ликвидиран, и дека Навални работи за западните тајни служби. Западот за случајот Навални го обвинува официјален Кремљ, и тоа доведе до влошување на односите Запад – Русија, и до нови санкции и контра – санкции.

Алексеј Навални во Шарите

Додека во Русија не беа најдени никакви траги од Новичок, во Германија и во Шарите истите беа најдени во текот на неколку дена. Чудно е тоа што наводно еден од најубиствените нервни отрови Новичок, не е способен да убие никого, и тоа во неколку наврати. Навални стана жив и здрав маченик за руската демократија во илегала, и дека во целиот овој случај се вмешани и западните и руските тајни служби.

Во 2007 година клиниката Шарите се најде на водечките страници на светските весници и медиуми, како резултат на медицинската сестра „Смрт“ – Ирена Бекер, осудена на доживотен затвор во 2007 година за убиство на пет пациенти. Бекер, едноставно ги убивала и мачела пациентите што не ги сакала, испраќајќи ги на другиот свет, вклучително и со смртоносни дози на лекови. Во одреден момент, Бекер заборавила празна ампула опасен лек покрај еден пациент, што на крајот доведе до нејзино откривање и затворање, но точниот број на нејзините жртви сè уште не е јасен. Но, оваа приказна остави многу прашања во врска со организацијата на контролата врз медицинскиот персонал во „најдобрата“ германска клиника.

Сепак, најверојатно потокот на ВИП пациенти од постсоветскиот простор кон Шарите ќе ослабне. Малкумина сакаат да станат маченици на демократијата и да бидат маша на западните тајни служби, и да се најдат во центарот на вниманието и судирот помеѓу тајните служби на Западот и на Русија и да платат со својата глава поради тоа.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!