понеделник, 19 април, 2021

Јаневски: Струмица има потенцијал за развој и наредната година – буџет од над 459 милиони денари

Основниот буџет од над 459 милиони денари е поголем од лани и ги опфаќа сите пограми коишто се усвоени во законскиот рок и во кој се предвидуваат идните проекции, цели и капитални инвестиции кои треба да го подигнат квалитетот на живот на граѓаните во општина Струмица, смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, откако Советот на општината вчера го усвои буџетот за 2021 година.

За него буџетот е остварлив и е креиран врз база на потребите на граѓаните, иако пандемијата, како и секаде, беше пречка за непречено полненење на општинската каса.

-Показателите за остварувањето на буџетот се прилично добри, што значи дека пандемијата финанскиски не ја поремети работата на Општината. Според новиот закон за креирање на буџетите на единиците на локалната самоуправа, кој имаше ограничување буџетите да можат да се зголемат до 30 проценти од средната вредност на остварените приходи во последните три години, Општина Струмица е една од ретките во државата која доби дозвола да го прошири буџетот за околу 13 милиони денари. Тоа го давам како показател дека Општината во последните три години приходите ги остварува со добар процент и врз база на тоа ја добивме таа можност за зголемување на буџетот, но е и еден вид признание, рече градоначалникот Јаневски.

Според него со буџетот за наредната година можат да се рализираат капиталните проекти од областа на инфраструктурата, како што се изградба на улици, патишта, тротоари, канализациски системи, односно проекти за кои се заинтересирани граѓаните.

-Добар процент од буџетот е определен за овие инвестиции и тоа го прави да биде развоен. Секако, треба да знаеме дека Општина Струмица има традиција на реализирање на други програми, кои се од сферата на образованието, социјалната заштита, областа на културата и меѓународната соработка. Тие исто така треба да придонесат за квалитетот на животот на нашите граѓани, но и подигнување на рејтингот на општината во општеството, додаде Јаневски.

Подвлече дека во изминатиот период повеќе се инвестирало во населените места, отколку во градот, а ќе продолжи и наредната година со изградба на атмосферска канализација во селото Муртино и канализациски систем за прифаќање на фекалните води во селото Градско Балдовци.

-Освен во наслените места во тек се и големите зафати во градот, како што се изградбата и уредувањето на двата најголеми порои во градот-„Крушевска Република” и „Свети Илијски порој”. За првиот се обезбедени средства од општинскиот буџет, а за вториот средствата се од „ТАВ Македонија”, кои Владата ги распредели на општините, посочи градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Инаку, во наредната година во општинската каса се планира да се соберат една милијарда, 191 милиони и 308.556 илјади денари. Најголем процент во буџетот се блок дотации кои доаѓаат од централната власт, а основниот буџет изнесува 459 милиони и 32.738 илјади денари. /МИА

Коментари

коментари

error: Content is protected !!