среда, 22 септември, 2021

Грција се вооружува за војна против Турција

Милитаризацијата на Источниот Медитеран продолжува со засилено темпо. Грција и Турција не жалат средства за зајакнување на своите армии, како и позиции во Источниот Медитеран. Двете држави создаваат воени алијанси за додатно да ги зајакнат своите позиции во борбата за нафтените наоѓалишта и наоѓалишта за гас во Источниот Медитеран. И Грција и Турција на овој начин покажуваат мускули и сила, се со цел да ги зајакнат своите позиции на преговарачка маса.

Грција како резултат на постојаната конфронтацијата со Турција во Источениот Медитеран во последната 1 година ќе ги зголеми воените трошоци за 57% на рекордни 5,5 милијарди евра, и најголем добитник од тоа ќе биде Франција, од каде што Грција во најголем дел ќе го набави оружјето. И покрај тоа што Грција е во тешка финансиска криза Атина не штеди средства за одбраната.
Како дел од растечките трошоци, Атина планира:

  • финализирање на договорот за купување на 18 повеќенаменски борбени авиони од француско производство Dassault Rafale за 2,3 милијарди евра
  • склучување на договор со Франција за купување на 2 нови FREMM фрегати
  • морнарички хеликоптери од Франција како и торпеда и против подморнички бомби за нив
  • беспилотни летала од Израел и од САД HERON MK2 и MQ-9 Reaper за да одговори на растечката закана на турските дронови
  • модернизирање на старата флота на ловците Ф-16 со помош на САД до напредна везија, која што вклучува замена на радарите и електрониката на авионите, која ќе овозможи користење на нови ракети и бомби
  • зголемување на вооружените сили за 15.000 војници
  • Грција започна преговори со САД за набавка на 24 повеќенаменски авиони од петтата генерација F-35

Турција од своја страна спроведува амбициозна програма за модернизација на својата армија преку производство на сопствено вооружување и техника, пред се фрегати, корвети, носач на хеликоптери, цела палета на дронови, борбени хеликоптери, оклопни борбени транспортери и обид за производство на свој тенк. Турската воена и наменска индустрија направи огромен квантитативен скок во последните неколку години, особено во производството на цела палета на разни дронови, ракетни системи и системи за против воздушна одбрана и електронско војување.

Но на хартија Турција располага со далеку посилна и помногубројна армија од Грција. Во последните 4 години турската армија има учествувано во безброј воени операции и конфликти, почнувајќи од борбата против екстремизмот на Курдите на својата територија, до воените операции во Сирија и Ирак, како и поновите операции во Либија и во Нагорно Карабах. Турција се стекна со големо воено искуство кое што во ефентуален конфликт ќе има пресудно значење.

Пишува: Дарко Тодоровски

Коментари

коментари

error: Content is protected !!