Изборниот колеџ официјално потврди дека демократот Џозеф Бајден е новиот претседател на Соединетите држави.
Врз основа на резултатите од изборите во ноември, Бајден освои 306 изборни гласови, додека републиканскиот претседател Доналд Трамп освои 232 изборни гласа.
Се проценува дека Бајден освои околу седум милиони гласови повеќе од Трамп.

Во обраќањето до јавноста, откако електорите ја потврдија неговата победа, Бајден рече дека „во борбата за духот на Америка, победи демократијата“.
“Луѓето гласаа. Верата во нашите институции е зачувана. Интегритетот на нашите избори остана недопрен. Сега е време да ја свртиме страницата, да се обединиме и да ги залечиме раните”, рече Бајден, пренесува Гласот на Америка.

Тој оцени дека во Америка владеењето на правото, Уставот и волјата на народот повторно победиле и дека е докажано дека американската демократија, за која, како што рече, „била загрозена“, е „издржлива, вистинска и силна“.
„Пламенот на демократијата во оваа нација беше запален подолго време. И сега знаеме дека ништо – дури ни пандемија или злоупотреба на моќ – не може да го изгасне тој пламен“, истакна Бајден.
Путин му ја честиташе победата на Бајден
Рускиот претседател Владимир Путин му ја честиташе победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД, пренесува Ројтерс.

„Во телеграма, Путин му посака успех на новоизбраниот претседател и изрази уверување дека Русија и Соединетите Држави, кои имаат посебна одговорност за глобалната безбедност и стабилност, навистина можат да придонесат за решавање на многу проблеми и предизвици со кои се соочува светот, и покрај несогласувањата“, се вели во соопштението на Кремљ.