Градот држава Сингапур е подготвен да биде домаќин на првата светска авио-такси компанија на електричен погон до крајот на 2023 година, според Volocopter GmbH, кој развива летало со вертикално полетување и слетување. Се работи за ултра лесен мини хеликоптер кој ќе превезува до двајца патници или товар до 450 кг и може да работи во автономен режим – без пилот. Воздушното такси е целосно електрично, се крева во воздухот од 18 електромотори и е способно да лета во радиус од 30 км.
Германскиот производител е посветен на започнување со работа во рок од три години откако ќе заврши со испитувања на леталото, како и проценка и сертифицирање во соработка со градот-држава Сингапур, се вели во соопштението во средата. Билетите за 15-минутно патување чинат 300 евра (364 УСД) и се веќе во продажба.
Volocopter го заврши демонстрацискиот лет над сингапурската област Marina Bay во октомври минатата година, а првата патничка рута веројатно ќе ги вози туристите над истата област, нудејќи спектакуларен поглед на хоризонтот, соопшти компанијата. Подоцнежните услуги може да вклучуваат и прекугранични патувања. Сингапур е водечка држава во светот за воведување летачко такси благодарение на либералниот регулаторен режим отколку во некои други земји. Електричните мини хеликоптери можат да ги заменат хеликоптерите и лесните авиони на некои правци, бидејќи тие можат да летаат длабоко во градовите и да слетаат на минимален простор.

„Сингапур е познат по својата водечка улога во прилагодувањето и адаптирањето на новите современи технологии во секојдневниот живот“, рече Главниот извршен директор на Volocopter, Флоријан Ројтер, додавајќи дека локалните можности во истражувањето на батериите, науката за материјали и валидацијата на рутата за автономни операции ќе бидат од централно значење за проектот.
Volocopter планира да формира тим од 50 пилоти, инженери и специјалисти за операции за поддршка на летовите во Сингапур.
/Дарко Тодоровски