Вакциналните тимови во Македонија почнаа со подготовките за вакцинацијата против КОВИД која се очекува да започне во март. Здравствениот дом Скопје веќе набавува медицински фрижидери каде што ќе се чуваат вакцините, обезбедени се и специјални возила во кои може да се запази студениот синџир, а истовремено се скенира состојбата и во другите вакцинални пунктови во земјава.
„Депото на вакцините се наоѓа во поликлиниката Бит Пазар. Таму имаме огромен фрижидер каде што се чуваат и останатите вакцини, инсулини и други лекови кои треба да се чуваат на толкави температури. Имаме возило кое што би го запазило ладниот ланец, набавивме возило такво со ладење и веќе сме во постапка на нови 10 медицински фрижидери кои што треба до Нова Година да стигнат“ – вели д-р Виктор Исјановски – директор на Здравствен дом – Скопје.

Иако постапката за давање вакцина е стандардна, сепак со оглед на тоа што станува збор за нова вакцина, медицинскиот персонал во вакциналните пунктови ќе треба да помине и едукативен тренинг од страна на здравствените власти.
„Да, прво треба да се даде бројката и зависи каков тип на вакцина ќе дојде, дали треба или не треба да седи на собна температура, колку дена ќе биде апликацијата, колку што знам дека сите три вакцини ќе се даваат во две дози и колку што бев информиран апликацијата е на 21 или 28 дена за да се прими втората доза“ – рече Исјановски.
Приоритет за вакцина ќе имаат здравствените работници кои што работат во Ковид центрите, хронично болните и лицата над 65 години.
Ставот во врска со вакцинирањето на претседателот Пендаровски позитивно ги изненади сите, покажувајќи се навистина како прв човек на државата.

„Би сакал прв да се вакцинирам од вакцината против вирусот Ковид-19 иако не сум меѓу ризичните, но навистина ако е можно би се вакцинирал мегу првите имајќи предвид дека анкетите кај нас покажуваат многу ниска доверба во вакцината“.
Ова претседателот Пендаровски го изјави вечерва на гостувањето на вестите на Сител и додаде дека ке се вклучи и во видео кампањата која најверојатно ќе биде направена. Денеска и министерот за здравство Венко Филипче порача дека тој ќе ја прими вакцината против вирусот Ковид 19.