понеделник, 19 април, 2021

Бугарија бара постапки за говорот на омраза, полицијата тврди дека будно ги следи социјалните мрежи

Министерството за внатрешни работи сериозно презема активности во делот на спречување и санкционирање на говорот на омраза, посебно инициран од актуелните односи со Бугарија.

Тој рече дека секојдневно соработуваат и со бугарските колеги, со тамошното МВР, за вакви случаи таму и за секое друго прашање – говор на омраза, организиран и транснационален криминал, миграција, и тоа не само со соседните земји туку и со сите земји во регионот и во ЕУ.

Бугарските медиуми објавија дека вчера на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи бил повикан привремениот шеф на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија во врска со групи на Фејсбук кои ширеле говор на омраза.

Како што пренесе Дојче веле, станува збор за групата „Ајде да плукаме по Бугари и бугараши“, во која се пласираат навреди и говор на омраза кон Бугарите и повици за насилство кон лицата со бугарско државјанство кои живеат на територијата на Македонија. Во истата група објавен е и список за плукање по „истакнати македонски бугараши“.

Вчера бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева изјави дека Бугарија го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ) сè додека не се напушти говорот на омраза кон сè што е бугарско.

Инаку, во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, премиерот Зоран Заев рече дека имплементацијата на Договорот за добрососедство ќе биде закон и дека нема да дозволи оцрнување на Бугарија.

„Како шеф на Владата, јас сум посветен во името на целиот македонски народ за примена на Договорот. Како прво, затоа што на овој начин најдобро ќе му служам на мојот народ, но, секако, и на пријателска Бугарија. Лично, ја потврдувам нашата позиција целосно да му се спротивставиме на говорот на омраза, што мора веднаш да запре. Активистот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го запали бугарското знаме, ќе сноси одговорност“, изјави Заев

Коментари

коментари

error: Content is protected !!