среда, 1 декември, 2021

Се огласи првиот човек на Историската комисија за решавање на спорот со Бугарија: Мора да знаете нешто

Првиот човек на историската комисија за решавање на историските дилеми со „пријателска“ Бугарија, македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, не сака да го коментира интервјуто на Заев за БГНЕС. Тој во изјава за „Дојче Веле“ даде свое гледање на целата ситуација.

За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог, и трпение“, вели историчарот Драги Ѓоргиев.

Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна, вели македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.

Заради овој принцип, тој не се осврнува поединечно на ставовите изнесени од премиерот Заев во интервјуто за Бгнес. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на еден генерално погрешен пристап.

„Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“, вели Ѓоргиев.

За ДВ тој ги сподели моментите кои ги смета за најтешки во изминатиот период.

„За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станаа големи. И затоа кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме. Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение“, потенцира Ѓоргиев.

„Не треба да се создава тензија. Дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме, и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите. Ни треба пристапот на мултиперспективност, во кој ќе се почитуваат различните наративи, а не да се наметнуваат. Не треба да се делува избрзано, под притисок на политиката, бидејќи тоа е погубно: можеби ќе има резултати на краток рок, но тоа би било со долгорочни последици“, оценува историчарот.

Според него, ако се прекине дијалогот, нема да мрднат ни односите меѓу двете земји. Порачува дека треба да се отвори што поголем простор за соработката меѓу сите институции од двете земји – образовни, научни, културни.

Целиот текст прочитајте го на Дојче Веле.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!