сабота, 5 декември, 2020

КАЈ СТАДИОНОТ ВО БИТОЛА ПРОНАЈДЕНИ УШТЕ 2.929 ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Уште 2.929 гранати од Првата светска војна се најдени овие три дена во близина на стадионот „Под Тумбе кафе“ во Битола, чија реконструкција е во тек. Заедно со над 500 гранати што беа пронајдени на 26 октомври на истото место, досега вкупно се извадени 3.664 парчиња.

„Три дена работиме, првиот ден пронајдовме 672 парчиња, вториот ден 1.150 и денесka 1.100. Ќе се носат во Криволак за да се уништат. Имаме закажано четири термини од средината на декември, но ќе треба повеќе, зашто излегоа многу парчиња“, рече Ѓорги Стефанов, пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.

Уште илјадници неексплодирани убиствени средства од Првата светска војна останаа под земја кај стадионот, кои ќе треба да бидат извадени во следниот период.

„Можно е да има уште од 10.000 до 30.000. Вчера и завчера ни помогна багер од приватна компанија. Денеска немаше потреба од багер, оти имаше доста извадено и ги транспортиравме. Во понеделник продолжуваме за работа“, додаде Стефанов.

Гранатите се со ист калибар, од 75 милиметри и се транспортираат во битолската касарна, каде што има и други бомби од Првата светска војна пронајдени во Пелагониско. Складот до неодамна беше обезбеден само со катанец, а откако медиумите јавија дека може да дојде до провала или пожар, со што во опасност би биле делови од градот во радиус од два километра, поставено е и физичко обезбедување.

Пелагонискиот регион е преполн со неексплодирани убиствени средства останати од Првата светска војна зашто оттука минувал Македонскиот фронт, а денес е оставен само со еден пиротехничар. Од овој регион годишно во просек излегуваат по 200 неексплодирани средства.

Извор: sdk.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!