сабота, 5 декември, 2020

Потврдено: Македонија останува без селекторот Ангеловски

Македонскиот селектор Игор Ангеловски после пет години на кормилото на фудбалската репрезентација го завршува својот мандат на кормилото на националниот тим, зашто актуелниот договор му истекува за еден месец, на крајот на оваа 2020 година, но засега од ФФМ нема најава дали соработката ќе продолжи после историскиот успех и пласманот на Европското првенство догодина.

Ангеловски откако седна на кормилото, ја водеше Македонија на 45 меча во овие пет години, почнувајќи од дебито со Црна Гора на 12 ноември 2015 година со триумфот со 4-1 и до денеска кога загубивме од Ерменија и не се пласиравме во Б-дивизијата, скорот на актуелниот кормилар е 20 победи, 10 ремија и 15 порази со гол-разлика 62-52, но со историски успех пласман на ЕП и со првпат освоено трето место во едни квалификации.

ФФМ сега е на потег, дали ќе го награди актуелниот селектор или ќе ја шокира целокупната фудбалска јавност и нема да има нова соработка, а претседателот на куќата на фудбалот, Муамед Сејдини неодамна изјави дека прво да помине Грузија и историското финале, а потоа ќе разговараат за нов тренер, иако зачудувачки беше одлуката да нема ни најава за евентуална соработка во изминативе месец.

„Сета концентрација е на Грузија. Прво да помине Грузија, па после ќе разговараме за селектор“, рече Сејдини.

Ангеловски во мај лани доби продолжување на договорот до крајот на оваа година, но нешто подоцна релациите се затегнаа со раководството на ФФМ, па пред крајот на квалификациите имало и еден обид за смена на Ангеловски со веќе напишан отказ, кој не се активирал после триумфот со Израел од кога тргна победничката серија што заврши денеска после осум меча.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!