сабота, 5 декември, 2020
Фото: ЕКИПА.мк

Кој сака нека дојде: Македонија игра одлично – падна и Естонија

Фудбалската репрезентација на Македонија со победа над Естонија (2-1) ги заврши „домашните“ обврски во новата сезона во Лигата на нациите и остана во пол-позиција за освојување на првото место во групата кое носи промоција во Лига Б.

Иако без капитенот Горан Пандев, како и Аријан Адеми, Езџан Алиоски, Столе Димитриевски, избраниците на Игор Ангеловски ја одработија задачата според планот и ги освоија планираните три бода против ривалот кој на претходната меѓусебна средба забележа реми (3-3). Со овој резултат, Македонија е прва во групата, победи по три нерешени во низа и го чека исходот на мечот меѓу Грузија и Ерменија за да знае какви ќе бидат математиките во последната рунда.

Првиот обид Македонија го имаше во 25. минута, Тричковски ја смести топката во голот на Естонија, ама погодокот беше поништен поради офсајд, за неколку минути подоцна да биде скршен отпорот на гостите, откако Спировски асистира до капитенот Тричко, а тој успеа да го совлада Хајн.

Дарко Велковски загуби топка во опасната зона, истата ја украде Сапинен, па по проигрување со Аинсалу пласира во горниот дел од аголот од голот на Шишковски, за 1-1. Ангеловски веднаш реагира, ги внесе во игра Костадинов и Стојановски, па следеа неколку зицери.

Но, голманот Карл Хајн едноставно беше расположен, па со супер-интервенции спаси обиди на Николов и Ристовски. Отпорот вторпат беше скршен во 68. минута, кога Елмас центрира од десната страна, а Влатко Стојановски со вториот гол во кариерата во дресот на Македонија ја врати предноста.

Македонија во групата 2 има девет бода и се наоѓа пред Грузија која има шест и пред Ерменија со пет бода. Последното коло ќе се игра на 18 ноември, а нашиот национален тим на неутрален терен во Кипар ќе игра со Ерменците.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!