Попладненвниот земјотрес поопасен од првиот: Направени се повеќе штети (ФОТО)

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид,Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денеска во 15 часот и 25 минути, регистрира уште еден земјотрес од епицентралното подрачје Гостивар-Тетово со епицентар на 50km југозападно од Скопје. Земјотресот беше со локална Рихтерова магнитуда од 5 степени.

Според досегашните податоци земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала, Дебар и Кичево со интензитет V, во Тетово и Скопје со IV степени, а во Струга, Охрид, Битола, Прилеп и околината со III-IV степени според истата скала.

Преку фејзбук профилот на месната заедница во Галичник, инофмираат дека од земјотресот во 15.25 часот има настанато штета во одделни куќи во Галичник и ги повикаа сопствениците на куќите да ја проверат состојбата на истите и доколку има настанато штета, штетата да се пријави на надлежните институции.

Исто така информираат и дека пријавени се и поголеми одрони на патниот правец Маврово – Галичник кај м.в. Царевец, поради што е потребна поголема внимателност при користење на овој патен правец.

Денешните земјотреси во регионот на општина Маврово–Ростуше создадоа проблеми со заматување на водата за пиење во повеќе села во општината, а има и материјални штети. Ова за Радио Слободна Европа го изјави градоначалникот на општината Медат Куртовски. Тој додава дека вознемирувањето на населението во текот на целиот ден е големо, а оштетени куќи има во Леуново, Никифорово, Маврово и Маврови Анови, каде што исто така и водоводите се заматени.

Јавното претпријатие „Маврово“ упати апел до населението водата да не се користи за пиење. Според комуналното претпријатие заматена вода има и водоводот во селото Жировница, во регионот на Долна Река.

Според директорот на Националниот парк „Маврово,“ Самир Ајдини утрово за време на потресот се урнала огромна карпа во близина на селото Сенце, кое се наоѓа на територијата на националниот парк. На патниот правец Дебар – Маврово, во близина на Косоврашки мост исто така се урна огромна карпа на патот и моментално патот е во прекин.

Раководителот на дебарската единица на ЈП „Македонија пат“ Деар Лимановски за РСЕ изјави дека за среќа во моментот на уривањето на огромната карпа немало движење на автомобили, ниту патници.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!