Лидерот на опозицијата не ја менува својата стратегија. На сите начини се обидуваше да ги пролонгира предвремените парламентарни избори кои сам ги бараше. И дури под притисок на меѓународната заедница прифати да оди на избори на 15 јули-на тие избори Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ беа поразени, пишува порталот „Во Центар“.
Сега истата приказна се повторува и во Штип каде на 13 декември треба да се одржат избири за нов градоначалник.
Пред една недела на една национална телевизија Мицкоски рече дека тоа ќе бидат талибански избори. Потоа на друга национална телевизија, Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО ДПМНЕ, Александар Пандов рече дека партијата нема да учествува на фалсификувани избори.

Пред два дена во Штип Мицкоски изјави дека опозицијата сериозно размислува да побара одложување на предвремените градоначалнички избори во Штип.
Во Штип се брани Македонија. И ова не се обични избори. Но прашањето е сега дали на 870 заболени имаме воопшто амбиент за фер и демократски избори. Бидејќи вие знаете на 870 заболени и секојдневна двоцифрена бројка на луѓе кои го губат животот, прашањето е дали треба воопшто да ги изложуваме на дополнителен ризик штипјани да излегуваат на избори. Јас апелирам и до Владата и до останатите политичари сериозна да размислат, ВМРО-ДПМНЕ оваа точка на следната седница на Извршниот комитет сериозно ќе ја размислува бидејќи само прашање на време е кога бројката на новозаболени ќе стане четирицифрена, рече Мицкоски во интервјуто за ТВ Стар.

Во својата колумна во Дојче Веле на македонски јазик, објавена на 16 септември, поранешниот висок функционер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Тодоров предвиде дека Мицкоски ќе се обиде да ги бојкотира изборите во Штип.
Веројатно ќе се обидат да одат со добро познатата им тактика на бојкот. Несигурни во себе, а сигурни во неповолниот исход од изборите за Штип, многу е веројатно дека ќе посегнат по ова крајно недемократско оружје- бојкот. Или однапред ќе најават дека ќе ги бојкотираат изборите за Штип или ќе влезат во изборната трка, па потоа демек за реклама ќе си префрлат и поделат неколку милиончиња буџетски пари на лично нивните портали, за потоа неколку денови пред денот на гласање под изговор дека изборите не се фер и демократски да се повлечат од изборната трка за да не загубат. Јасно е како бел ден дека бојкотот на изборите за Штип или повлекувањето од изборите неколку дена пред гласањето не е ништо помалку од уште еден голем, но и срамен пораз, пишуваше Тодоров на 16 септември.

На седницата на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ пред два месеци кога му беше изгласана доверба на Мицкоски, а беше отфрлен неговиот предлог за вонреден конгрес, повеќето од дискутантите изборите во Штип ги посочија како последна шанса за Мицкоски. Мериот коалицијата најави одржување на долго најавуваниот вонреден конгрес по изборите во Штип.
Анкетите во Штип не му одат во корист на Мицкоски. Така што бојкот на изборите е логичен одговор на тешката политичка ситуација во која тој се наоѓа!
Извор: “Во Центар“