четврток, 22 октомври, 2020

ВМРО-ДПМНЕ го избра заменикот на Игор Јанушев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека вечерва Ѓорѓија Сајкоски беше избран за нов генерален секретар на партијата.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница одржана вечерва на предлог на партискиот претседател Христијан Мицкоски, за нов генерален секретар на партијата го избра Ѓорѓија Сајкоски.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Сајкоски, кој е роден во Кичево, е доктор на историски науки, долгогодишен член на партијата и пратеник во сегашниот состав на Собранието.

Сајкоски бил претседател на Совет на Општина Кичево од 2009 до 2013, заменик министер за локална самоуправа и директор на ЈП „Студенчица“.

Тој извршувал и повеќе партиски функции, меѓу кои и претседател на Месен комитет Девеана од 2004 до 2008 година, претседател на Комисија за култура при ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кичево од 2004 до 2010 година и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кичево од 2010 до 2020 година.

– Членовите на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го избраа и му дадоа поддршка на Сајкоски бидејќи веруваат дека тој одговорно ќе ја врши функцијата генерален секретар и ќе ги застапува конкретните политики на партијата кои ќе придонесат да се насочи Република Македонија на вистинскиот пат, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!