четврток, 22 октомври, 2020

Трамп пред втор мандат?

Пишува: Дарко Тодоровски

Од исходот на претседателските избори во САД во ноември во многу зависи иднината на САД но и иднината на светот, пред се процесот на глобализација предводен од неолибералните светски елити. Претседателската кампања во САД влегува во жешката фаза, и целото светско внимание, како и информационото внимание е насочено кон САД и претстојните претседателски избори. Ова се избори на живот и смрт во кои што победникот зема се. За време на претседателската кампања во 2016 година а и денес многумина го отпишуваа Доналд Трамп, но судејќи според последните настани Трамп има големи шанси да освои втор мандат.

Според последните анкети, Доналд Трамп го скратува заостанувањето зад Џо Бајден. Пред неколку месеци разликата беше 8%, а според новите анкети истата е 2%. Но анкетите и процентите за изборниот систем во САД немаат големо значење, за изборите пресудни се резултатите во неколку сојузни држави во САД. Тоа на најдобар начин го покажаа резултатите во 2016 година, кога Хилари Клинтон имаше за 2 милиона повеќе гласови од Трамп, но изгуби во клучните сојузни држави, по што Доналд Трамп стана претседател на САД. Во изборниот колегијален систем што го користат САД за избор на претседател, секоја сојузна држава има број на гласови врз основа на населението. Изборниот систем има вкупно 538 гласа, и за победа на еден од двајцата кандидати се потребни 270 гласа. Најважни сојузни држави каде што се кршат копјата и кои што го решаваат исходот на изборите во САД се Флорида, Ајова, Охајо, Северна Каролина, Вирџинија, Висконси, Индијана и Колорадо, Пенсилванија.

За исходот на претседателските избори во САД влијание ќе имаат три фактори, безбедноста на американските граѓани, телевизиските дебати и анти-кинеската, односно анти-комунистичката кампања. Состојбата со КОВИД-19 во САД нема да има влијание врз резултатот на изборите, иако на почетокот на епидемијата во САД Доналд Трамп даде неколку неумесни изјави, и епидемијата на КОВИД-19 го урна американскиот здравствен систем и покажа дека истиот не е функционален кога се во прашање масовните епидемии. Пред почетокот на епидемијата американската економија го имаше најдолгиот раст во историјата, исто и американската берза, а невработеноста беше на енормно ниско ниво.

За американските избирачи секогаш на прв план била нивната безбедност како и економска благосостојба, и надворешната политика секогаш имала мало влијание врз исходот на изборите во САД. За обичните американски граѓани најважна е безбедноста во нивното соседство додека пак надворешната политика во изборната кампања е важна за мал круг на луѓе и финансиери. Но и надвореш план Трамп го задржа ветувањето од 2016 година, не започна ни една војна, и го започна повлекувањето на војниците на САД од повеќе региони во светот. Под водство на Трамп и на САД се склучија два мировни договори, историскиот договор помеѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, како и помеѓу Србија и Косово. Трамп не успеа во обидот за постигнување на договор помеѓу Израел и Палестина.

Безбедноста на американските граѓани е нарушена и во многу делови во САД сега владее анархија како резултат на протестите и немирите предизвикани од движењата Антифа и Black Lives Matter. Иако на почетокот протестите и демонстрациите на движењето Black Lives Matter имаа негативно влијание врз Трамп и доведоа до пад на неговиот рејтинг, истите тие во многу градови во САД подоцна прераснаа во немири и насилства, сега работат на полза на Трамп. Протестите и демонстрациит есе поддржани од страна на демократите. Духот на протестите и анархијата е пуштен во САД и во некои градови во САД ситуацијата наликува на воена зона. Експерти близки до демократската партија се повеќе се согласни дека протестите се на штета на демократите и на Бајден. Најголемиот дел од немирите и протестите се во државите и градовите каде што сенатори и градоначалници се од демократската партија на САД. Мнозинството американски граѓани сакаат враќање на поредокот и поради тоа тие во лицето на републиканецот Трамп го гледаат човекот кој што ќе го врати поредокот. Трамп и покрај негодувањето од од страна на градочалниците и сенаторите демократи каде што се во тек протестите и немирите, ги посети истите, се сретна со припадниците на безбедносните служби и на бизнисот, и изјави дека демократите се виновни за немирите и дека тие не можат да се справат со протестите.

Тој ги повика градочалниците и сенатори демократи да го вратат поредокот, во спротивно тој ќе ја испрати Националната гарда на САД за да го врати поредокот. За разлика од Трамп кој што цело време е на терен, Бајден е помалку активен.

Вториот фактор се телевизиските дебати помеѓу кандидатите, и од нив во голема мера зависи исходот на изборите. Првите телевизиски дебати во 1960 година го решија исходот на изборите помеѓу Кенеди и Никсон. Како резултат на одличниот настап на телевизиските дебати и на помошта на италијанската мафија која што реши да гласа за католикот Кенеди, Кенеди стана првиот претседател католик во САД. Предноста во телевизиските дебати на изборите во 2020 година ќе биде на страната на Трамп, бидејки тој со својот дрзок, директен и народен стил е во предност пред Бајден, кој што има здравствени проблеми и понекогаш ја заборава смислата на разговорот, повеќе од јасно е дека телевизиските дебати ќе го зададат смртоносниот удар врз Бајден и неговите шанси да биде избран за претседател.

Третиот фактор е анти-кинеската риторика, или поточно анти-кинеската. Американските граѓани се воспитани на стравот од комунизмот. И Трамп и Бајден настапуваат агресивно против НР Кина, но предноста е на страната на Трамп, кој што завзеде цврста позиција во однос на НР Кина и ја започна трговската, информационата, технолошката, економската и идеолошката борба против НР Кина. Трамп отворено и ги фрли ракавиците на НР Кина и и објави војна во сите правци. Трамп изјавува дека доколку Бајден стане претседател истиот ќе биде марионета во рацете на НР Кина, и дека само тој може да ја заштити и да ја направи Америка поново голема и силна и да ја спречи НР Кина да го освои светот.

Сите кои што тврдат дека победата на Бајден е сигурна, не се во право. Ситуацијата во САД не е во полза на Бајден, и шансите за победа на Бајден секој ден паѓаат. Трамп и републиканците двојно повеќе инвестираат во кампањата преку интернет и виртуелниот простор, во однос на демократите. Но независно од исходот на изборите, повеќе од јасно е дека САД ќе останат длабоко поделено општество со сериозни внатрешни судири, со сериозни економски проблеми и огромен јавен долг. На САД ќе му биде многу тешко да се мобилизира и да се обедини, и да може успешно да го спречи подемот на НР Кина во светски рамки. САД се пред сериозна криза, пад на моќта на светска сцена и повлекување од некои региони.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!