четврток, 22 октомври, 2020

Битката помеѓу САД и Русија за европското небо

Над небото на Европа деновиве повторно е густо, но наместо патничките авиони кои поради епидемијата на КОВИД-19 не летаат често како порано, сега летаат воените авиони. Како во старите добри времиња на Студената Војна, над небото на Европа денес повторно се спроведуваат големи воени маневри и учења и од страна на САД и НАТО, и од страна на Русија. Европа денес повторно го враќа приматот на главен театар на можните воени дејствија. Другиот главен театар на можните воени дејства е Азија и регионот на Индо-Пацификот.

Прв пат после завршувањето на Студената војна во 1991 година е забележана таква концентрација на разни водови на борбени авиони над небото на Европа и пред се на стратешки бомбардери, кои што се сметаат за авиони за судниот ден. Се работи за имитација на бесконтактни напади со крстаречки ракети од огромно растојание, без притоа да има потреба да се влезе во одбранбената зона на непријателот. И САД и НАТО од една страна, а и Русија од друга страна на овој начин вршат притисок еден врз друг.

Во последните неколку месеци, како резултат на влошувањето на односите помеѓу Западот и Русија, геополитичките разлики и судири, и НАТО и Русија контуинирано спроведуваат конпнени, воздушни и поморски воени вежби и учења. Најважни се воздушните воени вежби, при кои што и двете страни ја користат стратешката авијација составена од различни стратешки бомбардери вооружени со различни крстаречки ракети. При овие воени вежби, стратешките бомбардери на двете страни, придружувани од многуфункционални ловци како и од авиони за радио-електронско војување, летачки авиони-радари и летачки авиони-танкери летаат над неутрални територијални води, или над териториите на своите сојузници и доаѓаат до точките од каде што можат да изведат напади врз стратешки и критички важни цели на евентуалниот непријател во војна. При овие вежби, стратешките бомбардери и нивната придружба не навлегуваат во територијалните води или воздушното пространство на евентуалниот непријател, туку од далечина од неколку стотици и илјадници километри имитираат удари по целите на противникот со разни типови на крстаречки ракети.

Пред околу еден месец САД распоредија 6 стратешки бомбардери Боинг Б-52Х (Стратешка тврдина) на воениот аеродром Ферфорд во Велика Британија. За изминатиот период, најчество во пар од два стратешки бомбардери Б-52 или Б-1Б во придружба на многуфункционални борбени авиони од земјите членки на НАТО (Ф-16, МиГ-29, Су-27, Ф-35) летајќи низ воздушното пространство на сите земји членови на НАТО во Европа беа имитирани воздушни напади со крстаречки ракети AGM-86 и AGM-158 врз Русија, поточно врз Калининград, Крим, Сочи и Санкт Петербург. Од територијата на САД и од воениот аеродром Гуам во Тихиот океан, стратешките бомбардери на САД Б-1Б Lancer летаат над неутралните води на Тихиот океан и имитираат напади со крстаречки ракети над стратешки цели на Русија и Кина. САД во близка иднината треба да започнат со сериско производство на новите стратешки бомбардери Б-21, кои што треба да ги заменат стратешките бомбардери Б-1Б и Б-2.

Авионите за радио-електронско војување на САД и НАТО постојано летаат околу границите на Русија и на Кина, и на тој начин сакаат да ја проверат против-воздушната одбрана ПВО на двете држави, пред се радиусот на дејство и моќноста на ПВО радарите како и нивната фрекфенција на работа, ставањето на ПВО системите во функција. За САД и НАТО од стратешка важност е да ја проверат руската А2/АД одбранбена зона на Крим и Калининград (ограничување и забрана за пристап и маневар) – концепт на одвраќање на непријателот со создавање на зголемена опасност за распоредување или движење на непријателските сили во заштитеното подрачје. Зоната А2/АД е составена од С-400, С-350 и С-300 ПВО системи, од многуфункционалните борбени авиони Су-30СМ и Су-35С, против-бродските системи Бастион и Бал-МЕ, од тактичките оперативни ракетни системи Искандер-М и Искандер-К, и сите тие системи се интегрирани помеѓу себе и создаваат практично непробоен чадор.

Како одговор на ваквите воени вежби од страна на САД и на НАТО, Русија спроведува свои воени вежби. Во Русија во тек се стратешките воени вежби „Кавказ 2020“. Руските стратешки бомбардери, слично како оние на САД, постојано се во височините на европското небо и имитираат удари и напади врз стратешки и клучни цели на НАТО. Од матичниот воен аеродром Енгелс во близината на Саратов руските стратешки бомбардери Ту-160М „Бел Лебед“ како и Ту-95МСМ „Мечка“ и тактичките бомбардери Ту-22М3 придружувани од многуфункционалните ловци МиГ-29, Су-35С и Су-30СМ како и ловците МиГ-31БМ земаат курс или кон Велика Британија, или летаат над Беларусија, или над неутралните води на Црното Море и над територијалните води во близина на Аљаска од каде што имитираат воздушни напади со крстаречки ракети Х-101 и Х-55 врз стратешки и критички важни цели на НАТО и на САД. Руските стратешки бомбардери исто така најчесто летаат во пар од по два, пред се Ту-160М и Ту-95МСМ, но имаше и случај кога шест тактички бомбардери Ту-22М3 летаа над Белорусија и имитираа воздушни удари врз цели на НАТО во Полска. Русија го возобнови производството на стратешките бомбардери Ту-160 кои сега ќе се водат како Ту-160М2, а до 2027 година Русија треба да започне со сериско производство на стратешкиот бомбардер ПАК ДА.

И двете страни ги користат стратешките бомбардери во овие воени вежби со цел да и покажат на другата страна дека е на дофат и дека не е заштитена. Светот повторно е сведок на обновување на студената војна, но сега покрај САД и НАТО од едната страна, од другата ќе покрај Русија ќе биде вклучена и НР Кина. Над небото на Европа во иднина постојано ќе летаат стратешките бомбардери од двете страни, а на европскиот воен театар повторно ќе бидат разместени разни видови на ракети и оперативни ракетни системи, како и на конвенционално оружје, техника и вооружување од двете страни.

Периодот на мир и просперитет во Европа после 1991 година, како и намалување и уништување на вооружувањето е минато, Европа и светот повторно ќе се милитализира, ќе се создаваат воени блокови и сојузи во Европа а и ширум светот.

Пишува: Дарко Тодоровски

Коментари

коментари

error: Content is protected !!