недела, 20 септември, 2020

Најновите одлуки на Владата повторно коментирани: За свадби и крштевки една одлука, за други настани – друга

На својата четврта седница Владата ги разгледа и ги прифати општите препораки за организирање настани, но со нив не се опфатени приватните веселби. Тоа значи дека и натаму нема да се организираат свадби и роденденски прослави во специјализираните објекти за таква намена.

Нашите анализи покажуваат дека секаде во регионот каде што беа дозволени свадби, бројката на новозаразени со ковид-19 растела, вели Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје Скопје.

Според податоците на Независната угостителска комора, во земјава се регистрирани безмалку 6.500 угостителски објекти, од кои речиси 100 работат како ноќни клубови, кабареа и дискотеки, а повеќе од 200 се специјализирани за прослави и веселби.

Во изминатите години инвестицијата во овие угостителски објекти е поголема од 50 милиони евра. Годишниот промет што овие угостители го прават изнесува речиси 100 милиони евра.

Оваа година, оценува НУК, нивниот промет нема да биде ниту 5 отсто, што ќе ги доведе до безизлезна ситуација во правата за работа за опстанок.

Според Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 66,5 проценти во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 1.147 бракови. Склучувањето граѓански брак може да се направи само во матично.

Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје Скопје, за „Слободен печат“ вчера изјави дека од нивните анализи, секаде во регионот каде што беа дозволени свадби, растела бројката на новозаразени со ковид-19.

– Проблем е што и покрај тоа што ние не даваме препораки за големи настани, тие сепак се организираат без да се спроведуваат протоколите – рече Стојанов.

НУК ги достави до Владата и надлежните унифицираните препораки за работа на угостителската индустрија

Независната угостителска комора (НУК) ги достави унифицираните препораки за работа на угостителската индустрија до Владата, министерствата и Комисијата за заразни болести.

Спред НУК чие мото е „Лично здравје пред се“, препораките за работа во услови на КОВИД, се согласно глобалните стандарди и може да се применат не само во земјава, туку и во рамки на целиот Балкански регион.

Комората очекува јавна дискусија и дебата на предложените препоракисо која ќе се иницираат единствени унифицирани протоколи за угостителството, не само во нашата држава, туку и во регионот.

-Унифицирањето на протоколите кои ќе важат еднакво за сите угостители во целиот регион со механизми на контрола од сите нас, ќе ни овозможи наредниот период да си ги дозволиме сите задоволства што животот ни ги пружа и понатаму, само доколку сме подготвени малку да се откажеме и да се прилагодиме на новото секојдневие, наведува Комората, информирајќи дека предлог-решенијата се изготвени во пресрет на регионалната конференција „НЕФОРМАЛЕН ПАРТНЕР | Угостителите во пресрет на вториот бран”.

На угостителите кои не работат, смета НУК, мора да им се подаде рака и да им се даде шанса со протоколи и препораки за работа, кои, ако сакаат да опстанат, ќе мора да ги почитуваат.

Комората очекува, не само членовите на Комисијата за заразни болести, туку и сите стручни и експерски лица да се приклучат со предлози и критики со цел унапредување на предложените препораки за протоколи за работа на угостителската индустрија.

-Целта е да добиеме применливи протоколи за работа кои ќе можат двете страни – вработените во угостителските објекти и гостите да ги почитуваат подеднакво без да се чувствуваат загрозени по своето здравје, ниту со своето присуство во угостителски објекти да допринесат во загрозувањето на туѓото и јавно здравје, стои во соопштението потпишано од претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!