недела, 20 септември, 2020

Случајот Навални и можните последици за руско-европските односи

Случајот Навални може да доведе до ново заладување и влошување на односите помеѓу Руската Федерација и Западот, како и до сериозни геополитички поместувања, пред се мега проектот Северен тек 2. Целиот овој случај може да доведе до нова ледена фаза во односите Русија Запад. Случајот со труењето на Навални излегува од границите на нормалното и влегува во границите на научната фантастика. Берлинската болница „Шарите“ каде што е сместен Навални, како и фамозниот отров „Новичок“ изминативе 20 дена се во центарот на светското внимание.

Во преден план излегува геополитичкиот судир, додека здравјето на Навални веќе е во втор план. Официјален Берлин тврди дека Навални бил отруен од пософистицирана верзија на отровот „Новичок“, и Берлин како и низа други европски држави ја повикаа Руската Федерација да спроведе истрага за случајот Навални. Минатиот викенд претставници на Организацијата за забрана на хемиското оружје беа во посета на болницата „Шарите“ каде што им биле предадени резултатите од анализата на Навални.

Ангела Меркел зазеде цврст став за случајот Навални, и Берлин и Европската Унија се заканија со нови санкции кон Руската Федерација. Москва од друга страна поднесе официјално барање до Берлин да и ги достави резултатите од анализите на Навални, за да почне официјална истрага за целиот овој случај. Берлин се уште одбива да ги достави анализите, по што во Москва итно беше повикан германскиот амбасадор, каде што му беше врачена протестна нота.

Москва одговара дека е спремна да го расчисти случајот Навални до крај, и повикува истиот да не се користи за обвинување на Руската Федерација и за политизирање на случајот. Москва му ги достави на Берлин резултатите од анализите направени во Омск од страна на руските лекари, при кои што не беше најден никаков отров. Истовремено, руската полиција успеја да го утврди движењето на Навални во Томск, хрониката на неговото движење и контактите кои што тој ги имал, како и местата кои што ги посетувал. Испитани се и шест луѓе кои што биле во контакт со Навални, меѓу кои и неговите најблиски соработници . Во врска со случајот Навални Москва е на постојана врска со Берлин и другите европски метрополи.

Многумина политичари и европратеници во Европа повикуваат на остра реакција и нови санкции спрема Руската Федерација. Од друга страна голем број на политичари, европратеници и бизнисмени повикуваат на смиреност и да не се избрзува во случајот Навални и со осудата на Руската Федерација, и дека е потребно да се остави отворена врата за соработка со Руската Федерација. Бизнис секторот во Европа повикува случајот Навални да стои подалеку од економијата и трговијата, пред се мега проектот Северен тек 2, и дека истиот проект мора да се заврши, бидејќи тој е во склад со интересите пред се на Германија и на ЕУ.

Европратеничката Вирџинија Жорон на својот Facebook профил напиша „Западните медиуми упорно го криминализираат Кремљ, зборувајќи за доброволно труење на главниот противник на Путин, чиј рејтинг е околу 2%. Жално е да се види како работи оваа медиумска машина пред да се постави дијагнозата. Не смееме да ја искористиме оваа пригода за повторно разгорување на тензиите во односите со Руската Федерација“

Европратеникот Жан-Лин Лакапел на својот Twitter профил напиша „Германската канцеларка, која што е многу воздржана во врска со напнатоста во Медитеранот околу прашањето со Турција, очигледно има други приоритети во моментот. Таа тврди (без да обезбеди никаков доказ!) Дека случајот Навални наводно имал за цел да го „замолчи“ противникот.

Во исто време, Русија изјавува дека е заинтересирана за тесна соработка со Германија и за жалење е да се види дека европските лидери се вклучуваат во кампања на јавното мислење против нивниот руски сосед, водени од своевидна опсесија од Студената војна.“

Евродепутатот Филип Оливие на својот Twitter профил напиша „Потврдено е труењето на Навални: секој информиран набудувач во Русија знае многу добро дека таквиот чин би бил во спротивност со интересите на владата – да се спонзорира нанесувањето на штета на таков медиумски значаен противник. Оние кои го користат овој чин против Русија (1/3), за да ги нарушат дипломатските односи со историскиот сојузник на Франција, не можат да го негираат фактот дека Навални направи многу непријатели како резултат на неговите антикорупциски активности.

Да не паднеме во нивната груба стапица. (2/3) Да се надеваме дека истрагата ќе го расветли овој лош чин. Му посакуваме брзо закрепнување. (3/3).“

Европратеничката Хелен Лапорте на својот Facebook профил напиша „Откривајќи „недвосмислени“ докази за труењето на критичарот на Кремљ Алексеј Навални, Германија ги повикува своите европски сојузници да заземат цврст и унифициран став по ова прашање. „Уште еднаш сме брутално соочени со нечовечката реалност на режимот на Путин“, рече претседателот на комитетот за надворешни работи на германскиот парламент.

Дали е тој одговорен за ваквите обвинувања, бидејќи ја видел раката на Кремљ толку предвреме насекаде? Нивото на докази треба да биде сразмерно со обвиненијата, па да почекаме за резултатите од истрагата и да му посакаме на г-дин Навални брзо закрепнување!“

Случајот Навални повеќе не е логичен. Наводно зад неговото труење стојат структури во Руската Федерација, но при тоа авионот во кој што леташе Навални итно се приземји во Омск, лекарите и итната помош во Омск интервенирале брзо и му го дале потребниот препарат за да го забават труењето, од Москва истиот ден во Омск беше собрана и испратена екипа од најдобрите руски лераки и специјалисти кои што го лечеа Навални и успееја да му ја подобрат здравствената состојба, официјална Москва и Кремљ дадоа зелено светло и помогнаа за транспортот на Навални и неговото лечење во Берлин. Доколку официјална Москва стои зад труењето на Навални, не е логично истата да направи се да го спаси неговиот живот и да дозволи истиот да замине на лечење во Германија. Тоа не би го направил некој кој што би стоел зад труењето на Навални.

Разврзницата на случајот Навални ќе даде одговори на многу геополитички и геоекономски прашања како и за иднината на односите помеѓу Западот и Руската Федерација. Останува да му посакаме брзо закрепнува на Навални, неговиот случај да добие правна разрешница и да се спречи влошувањето и замрзнувањето на односите помеѓу Западот и Руската Федерација, кои што можат да имаат сериозни импликации на геополитички и геоекономски план.

Пишува: Дарко Тодоровски

Коментари

коментари

error: Content is protected !!