понеделник, 18 октомври, 2021

Кривичен суд ја потврди пресудата: Судиме според обвинението – сообраќајката била од небрежност, а не со умисла

Откако во јавноста се покренаа бура реакции за пресудата на судијката од Кривичниот суд, Елена Јосифовиќ, која му определи условна затворска казна на сторителот на кобната сообраќајна несреќа кај Млечниот ресторан во Скопје пред две години, од Судот тврдат дека не е етички да ја коментираат пресудата, особено поради фактот што ОЈО најави жалба до Апелативниот суд.

-Во однос на пресудата со К.бр. 488/20 поврзана со сообраќајната несреќа кај „Млечниот ресторан“ Основниот кривичен суд Скопје, се со цел да не нашетети на евентуалната жалбена постапка на која имаат право незадоволните страни, не може и не смее да коментира првостепена- неправосилна пресуда, велат од судот.

Оттаму додаваат дека е целосно неетеички во јавноста да се коментира и злоупотребува првостепена-неправосилна пресуда која во иднина може да биде преиначена во делот на казната, а непрофесионално и незаконски би било судот да коментира пресуда на судија поединец кој е независен во своето постапување.

Сепак, од Кривичниот суд решија да споделат детали за предметот, откако оштетената Наташа Димитриевска, во Судскиот совет поднесе претставка за пристрасно судење, а топката ја префрлаат кон Обвинителството.

– Заради јавниот интерес и транспарентно и отчетно работење за кое се залага судот, ја информираме јавноста дека според фактите изнесени на јавна расправа, станува збор за кривично правен – предмет за кој Јавниот обвинител утврдил дека постојат сомневања за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл. 300 ст.4 вв со чл.297 ст.3 вв со ст.1 односно сторено од Небрежност, а не со умисла. На главната расправа 63 – годишниот обвинети В.Ч. ја признал вината, а Судот, заради тоа, не навлегувајќи во утврдување на фактичката состојба и врз основа на сите олеснителни и отежителни околности изрекол осудителна пресуда. Притоа оштетените биле присутни при изведување на завршните зборови и изрекување на пресудата, додаваат од судот.

Во соопштението се посочува дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува Јавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во Кривичниот законик, притоа водејќи сметка на сите околности, додавајќи дека судот во ваков случај не може да смени или преквалификува кривично дело, ниту може да излезе од рамките на пропишаната казна.

– Пресудата откако ќе биде писмено изработена и доставена до странките ќе биде анонимизирана и објавена на веб страницата на судот, а странките кои се незадоволни може да ги искористат сите правни механизми за да ја оспорат. Наместо коментари и квалификации на првостепена-неправосилна пресуда, експертската и стручната јавност потребно е да се осврне на одредбите од Кривичниот законик и висината на пропишаните казни со кои се регулираат оваа проблематика, заклучуваат од Кривичниот суд, откако во петокот, претседателот на судот, Иван Џолев, најави коментар за пресудата.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!