сабота, 28 ноември, 2020

Договорот на векот помеѓу Белград и Приштина?

Балканскиот „Договор на векот“ за економска нормализација кој што во Вашингтон во присуство на Доналд Трамп го потпишаа Белград и Приштина ќе доведе до промени во надворешната политика и на Србија и на Косово, како и до некои поместување во регионот и пошироко. Овој договор е дел од предизборната стратегија на Трамп, и е продолжение на договорот помеѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати за нормализација на односите, како и неуспешниот договор помеѓу Израел и Палестина за решавање на палестинското прашање. Потпишувањето на овој договор е ветер во грбот за Доналд Трамп пред ноемвриските избори во САД. Најголеми добитници од овој договор се Доналд Трамп, кој што договорот ќе го искористи на внатрешен план, како и Израел.

После потпишувањето на договорот Вучиќ изјави дека е задоволен, и провладините медиуми во Србија се обидуваат овој тежок договор за Србија да го признаат како победа. Опозицијата во Косово е против овој договор, и според нив Косово е оштетено, бидејќи на дневен ред и во договорот нема точка за официјално признавање на независноста на Косово од страна на Србија.

„Договорот на векот“ е пред се економски договор, но во него има и некои политички и геополитички нијанси. Истиот е шамар за односите помеѓу Србија и ЕУ, пред се Србија и Германија, бидејќи Србија претходно се обврза дека иднината на Косово ќе се решава под покровителство на Брисел, и е против сите напори кои што ЕУ ги превзема во последните 7 години за решавање на проблемот на Косово. Вашингтонскиот договор е исто насочен и против односите на Србија и НР Кина, Србија и Русија, како и помеѓу Србија и Арапските држави. Со овој договор Србија ќе ги зајакне своите односи со САД и со Израел, но ќе ги влоши своите односи со ЕУ, и пред се со Русија и НР Кина, како и со Арапските држави. Договорот значи крај на членството на Србија во клубот на неврзаните.

После Бриселскиот договор од 2013 година, ова е уште еден договор кој што Србија го потпишува со Косово, и кој што е спротивен на резолуцијата 1244 за Косово. Судејќи според се, Србија полека се откажува од резолуцијата 1244, додека најсилни поддржувачи на резолуцијата 1244 се Русија, НР Кина, Шпанија и редица други држави. Со сите отстапки кои што Србија ги прави во последните 17 години, а кои што се спротивни на резолуцијата 1244 Србија денес е на чекор од официјално признавање на независноста на Косово.

Што содржи во себе балканскиот „Договор на векот“:

-Договорот предвидува движење напред на економската нормализација помеѓу Белград и Приштина, и имплементација на договорот од 14-ти фебруари 2020 година, за постојана железничка линија помеѓу Белград и Приштина, како и изработка на физибилити студија за продолжување на истата до Албанија и пристаништата во Албанија. Со помош на U.S. International Development Finance Corporation е предвидено заедничко користење на железницата

-Србија и Косово заеднички ќе го отворат и ќе управуваат со граничниот премин Мердере

-Косово ќе се приклучи кон проектот балкански „Мини шенген“ во кој се и Србија, Албанија, Македонија и ќе ги користи бенефициите од проектот

-Србија и Косово меѓусебно ќе ги признаат дипломите и професионалните сертификати

-Србија и Косово заедно со САД ќе работат на изработка на физибилити студија за езерото Газиводе, за употреба на вода за пиење и за производство на електрична енергија

-Србија и Косово ќе работат на диверзификација на снабдувањето со гас (точка насочена против Русија)

-Србија и Косово ќе го забранат користењето на технологија и опрема за 5Г од сомнителни извори и држави во своите телекомуникациски мрежи (против Huawei и НР Кина)

-Србија и Косово ќе започнат со размена на податоци за авионските патници, и со помош на САД ќе извршат модернизација и набавка на нови безбедносни технологии за скенирање и контрола

-Србија и Косово се обврзуваат да овозможат и да ја заштитат слободата на религиозно изјаснување, заштита на црквите и манастирите и спомениците на Српската Православна Црква на Косово, како и враќање на сопственоста на Евреите, и на синагогите

-Србија и Косово ќе ги продолжат ефорите за идентификација и наоѓање на исчезнатите лица и за решавање на проблемите на бегалците

-Србија и Косово ќе го признаат Хезболах за терористичка организација и ќе работат на спречување на финансиски текови преку нив за Хезболах

-Косово објави мораториум од една година на неговите обиди за зачленување во светските институции и организации. Србија објави мораториум од една година на нејзината кампања кај другите држави за повлекување на признавањето на независноста на Косово

-Србија ќе ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим во Израел. Косово ќе го признае Израел, и Израел ќе го признае Косово. Косово ќе биде првата муслиманска држава која што ќе отвори амбасада во Ерусалим

После потпишувањето на договорот останува да видиме како ќе се одвива неговата имплементација, и дали ќе биде слична на имплементацијата на бриселскиот договор, каде што уште не се исполнети некои точки од договорот, пред се од страна на Косово. Се очекува реакцијата на официјален Брисел, бидејќи овој договор е шамар за напорите на Брисел за решавање на проблемот на Косово под палката на Брисел. Останува да видиме дали ќе дојде до рушење и деградација на односите на линија меѓу Србија и НР Кина, помеѓу Србија и Русија, и помеѓу Србија и Арапските држави.

Дали овој договор на крај ќе доведе до геополитичка промена на курсот на Србија, и наместо сојузнички односи со НР Кина и Русија, до сојузнички односи со САД и брзо интегрирање на Србија во евро-атлантските структури, ЕУ и НАТО, ќе покаже следниот период.

На 7-ми септември во Брисел следи тешка средба на претставниците на Србија и на Косово под палката на ЕУ, на која што средба тие ќе треба да го објаснат потпишувањето на договорот во Вашингтон и игнорирањето при истиот на Брисел. Останува да видиме дали Вашингтон ја превзеде водечката улога во преговорите помеѓу Србија и Косово, или ЕУ и Брисел не го кажале последниот збор, исто како и Русија и НР Кина.

Пишува: Дарко Тодоровски

Коментари

коментари

error: Content is protected !!