понеделник, 25 октомври, 2021

Берач на сливи: Не можев да отидам во странство поради корона, овде газдите ги правам „салата“

Македонските граѓани во минатото уживаа во можноста да заминат на сезонска работа во европските земји и да заработат некој денар повеќе, што им дозволуваше колку-толку мирна зима и поголеми уживања. Сепак, оваа година сето тоа пропадна.

Поради корона-вирусот, многумина од границите се затворени, оние што се отворени бараат да имате негативен тест или да останете во самоизолација 14 денови, многумина се плашат дека може да ги фати нов бран и да не можат да се вратат назад, па поради сето тоа, сезонските работници оваа година останаа дома, барем најголемиот дел не ризикуваа да заминат во странство и да донесат „екстра пари“.

Една ваква ситуација, барем на прв поглед може да им одговара на газдите во Македонија, на оние кои имаат потреба од работна рака, затоа што знаат дека во една ваква ситуација, ќе имаат повеќе опции за луѓе кои бараат работа и можат да диктираат на платата.

Во тек е бербата на сината слива, период во кој во Пијанечко-малешевскиот регион на големо најпрво се складира, а потоа и се прави продажба. Оваа година сливите имаат голем род, поради што за многумина и ќе нема добра цена на пазарот.

Некои од сопствениците на сливата воопшто и не го продаваат својот род, собирајќи го и произведувајќи алкохолни пијалоци од истата. Но, има и такви кои се одлучиле да продаваат, без разлика на откупната цена.

Еден од работниците кои берат сливи, при разговор ни раскажа како тој својот газда го правел „салата“, нешто што во превод значи дека умешно го надмудрува, за што точно станува збор прочитајте во продолжение.

-Газдите во Македонија и газдите во странство се многу различни. Нашите овде воопшто не го ценат работникот, додека во Италија, Швајцарија, Германија, Словенија, Малта, Англија и сегде на друго место, работните Македонци ги ценат многу. Затоа, се одлучив да ви споделам мало искуство со наш газда, кој мисли дека е многу паметен и знае се, секако и секогаш е во право.

Секоја година во текот на летото земам неплатен одмор, платен одмор или изнаоѓам начин и одам да сработам неколку денови надвор од државата, дали во Швајцарија или Италија на лозје или нешто во тој домен. Кога одам таму да работам, одам насмеан, среќен, знам дека го ценат и пред се плаќаат мојот труд. Работам максимално и воопшто не ги штедам силите.

Оваа година поради ситуацијата со корона вирусот, не сакав да ризикувам и да одам надвор од државата, па се решив да работам доколку има потреба кај некој македонски газда, во овој случај со берба на сина слива. Се договоривме, направивме добра сума од која бевме задоволни и двајцата и започнавме да работиме.

Веќе вториот ден ја видов нискоста на мојот газда, кој на своите берачи на сливи не им донесе капка вода, да не зборуваме за ручек или пак да те награди и да ти плати дополнително, за трудот кој го приложуваш. Во почетокот молчев, ама после 4-5 денови, за прв пат нагласив: „Многу солена водата“, алудирајќи на тоа дека воопшто ја нема, само ме погледна под око и продолжи – вода не добивме, никој од нас.

Се вратив дома и размислив – дали овој човек кој не сака да им даде на работниците вода заслужува респект односно пожртвуваност од мене и дали тој е газда или се прави газда. Знаете – за да бидете газда, треба да имате стил, а тој го нема!

Утредента повторно започна бербата, ја зедов гајбата и воопшто не гледав дали сливата ќе биде тврда или мека, дали е скапан плодот или мувлосан, дали има лисја или не, се што можев веднаш фрлав во гајбата, а потоа на врвот ја „средував“ добро. Ова на нашки се вели „го правам салата“.

И да знаете, не ми е криво, се уште береме сина слива, без контрола сме и побрзо ги полниме гајбите, земаме поголема дневница за тоа и со неа си купуваме вода, искрен да бидам има и за доручек со тие пари, па тој ни направи добро со неговиот арогантен однос.

Ако тој го чита ова, иако нема да знае дека станува збор за него, сакам да му упатам порака, исто како и на останатите вакви газди, ценете го работникот, па тој вам двојно повеќе ќе ви врати, ако не правите така „ќе ве прават салата“.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!