Родителите излегоа на протести: Бараат нивните деца да не одат на училиште поради корона вирусот во Монтреал, Канада

Околу стотина родители и наставници се собраа во Монтреал, повикувајќи ја владата на Квебек да го промени планот за враќање на децата на училиште.

Загрижените семејства и училишниот персонал вчера одржаа митинг пред канцелариите на Министерството за образование во Монтреал, каде бараа построги мерки на безбедност во училиштата, јавуваат канадските медиуми.

За разлика од провинцијата Онтарио, каде родителите на децата во основните и средните училишта можат да избираат помеѓу одење на училиште и учење дома, во Квебек, од децата се бара да одат на училиште освен ако немаат медицинско оправдување.

Владата на Квебек препорачува физичко растојание и често миење на рацете, но маските нема да бидат задолжителни во училниците, туку само на јавни места за учениците од петто одделение и постари.

Физичкото растојание нема да биде задолжително во училниците, иако децата ќе треба да бидат оддалечени два метра од наставникот.

Владата на Квебек смета дека наставата во живо е подобра од предавањето од далечина и потенцира дека нејзиниот план го развиле десетици лекари, вклучително и педијатри.

Демонстрантите бараат помалку ученици во училниците и повеќе вработени во училиштата за редовно да ги дезинфицираат заедничките простории.

„Сметаме дека идејата за вклучување на повеќе од 35 ученици на час во средните училишта е целосно нереална“, рече еден од организаторите на протестите.

Во Квебек, од друга страна, многу поголема група од околу илјада луѓе протестираа против носењето маски во училиштата, тврдејќи дека носењето маски ја загрозува слободата на децата. Демонстрантите сметаат дека вирусот е реален, но дека мерките на владата се „прекумерни“.

За повеќето ученици во провинцијата Квебек, новата учебна година започнува следната недела.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!