Сонот на Ердоган за голема Турција

Во последните 5 години Турција спроведува агресивна надворешна и одбранбена политика, и при тоа не се двоуми при користењето на воената сила за остварување на своите политички, економски и геостратешки интереси. Турција спроведува и агресивна „Smart и soft power“ на Блискиот Исток, Балканот и на дел од Кавказот и Централна Азија.

Во реализацијата на современите турски воено – политички и економски интереси се забележуваат се повеќе знаци на нео – османлизмот и на пан – турцизмот. Неодамна претседателот на Турција, Ердоган изјави дека „За прв пат после Втората Светска Војна, Турција доби шанса да учествува во креирањето на Новиот Светски Поредок“. Претходно Ердоган го критикуваше Договорот од Лозана од 1923 година, кој ги создаде границите на модерната Турција, бидејќи ја направи земјата премногу мала. Тој зборуваше за интересот на земјата за судбината на турските малцинства кои живеат надвод од границите на модерна Турција, и дека е потребно Турција да ги заштити. Под палката на Ердоган, особено после неуспешниот воен удар во 2016 година, во Турција е во тек расчистување со „кемализмот“ и наследството на Кемал Ататурк, и Турција се повеќе се движи во правец на исламизација. За Ердоган, неговите сојузници и неговата Партија на Правдата и Развојот, ерата на Ататурк, кој што доаѓа на чело на Турција после болниот пораз на Турција во Првата Светска Војна, и го потпишува тешкиот и срамен мировен договор за Турција од Лозана во 1923 година, со кој што Турција губи голем дел од своите територии кои што ги контролирала со векови. Турција по Првата Светска Војна и по договорот од Лозана ги изгуби териториите на Блискиот Исток кои што денес се богати со нафта и гас.

Во кабинетите на голем број државни службеници виси картата на Отоманска Турција. Како резултат на агресивната надворешна политика, Турција денес, има проблеми со сите соседи, со исклучок на Азербејџан и на Бугарија. Турција, турската елита и народ кои во минатото беа империја, и денес имаат императорски начин на размислување и на планирање.

Военото присуство на Турција на светско ниво

Турција, преку својата армија, ја проектира својата надворешна политика во регионот на Блискиот Исток и на Средоземното море. Амбициозната воена политика и стратегија на Турција не е во согласност со економската сила и капацитет на Турција. Во Ирак, Турција води повеќегодишна воена кампања против Курдите на северот на Ирак (Ирачкиот Курдистан), создавајќи множество воени бази и воени упоришта на територијата на Ирак, и покрај противењето на официјален Багдад и на меѓународната заедница. Во Сирија, поточно на северот на Сирија, Турција создаде безбедносна буфер зона, во која што распореди свои воени бази и воени единици, и поддржува дел од бунтовниците во Сирија, кои што се борат против владата во Дамаск. Турција во Сирија исто како и во Ирак, води воена кампања против Курдите, и таа кампања не е во согласност со официјален Дамаск.

Во Либија дејствуваат турските експедициони воени сили, како и до 20 илјади про-турски борци од Сирија, кои водат војна против Либиската Национална Армија и Хафтар. Тоа и дава можности на Турција на полноправно воено присуство и притисок во Северна Африка и преференци во оф-шор наоѓалиштата на нафта и гас на југ од Кипар, што во целина создава предуслови за војна со Египет, Израел и отворен конфликт со Франција. Без разлика што Турција и Франција се во НАТО, светот беше сведок на поморски инцидент, кога турски воени бродови, кои што придружуваа турски товарен брод со оружје за Либија, спречија француски воен брод да изврши контрола на товарот што го превезуваат, и го вперија своето оружје кон францускиот воен брод. Либија инаку се наоѓа под воено ембарго, но тоа не ја спречува Турција да врши достава на оружје и техника.

На границата со Грција, Турција отворено се обидува да ги препрати бегалците од нејзината територија преку границата со Грција, што Грција го смета за агресивно однесување и закана за својата безбедност. Исто така, турски борбени авиони, дронови често влегуваат и го нарушуваат во грчкиот воздушен простор. Турција исто така го оспорува правото на другие држави во средоземното море за оф-шор наоѓалиштата со нафта и гас. Како резултат на агресивната воена политика на Турција во Средоземното море, се создаде воена коалиција од страна на Египет, Франција, Израел и Грција против Турција.

Турција распореди постојана воена база во Катар, која ги прошири можностите на Турција во Персискиот залив и ги спречи обидите на Саудиска Арабија и ОАЕ за соборување на Катарскиот емир, кој ги финансира и помага операциите на Турција во Африка и на Блискиот Исток, и обезбедува дипломатска поддршка на Анкара за голем број други прашања.

Турција заедно со Катар, води борба за превласт во муслиманскиот и пред се арапскиот свет против Саудиска Арабија, ОАЕ и Египет. Турција и Катар соработуваат со Иран, кој што е главниот непријател на Саудиска Арабија.

Турција не се задоволи само со Блискиот Исток, и Турција е присутна во Пакистан и Афганистан. Турција и Пакистан ја развиваат воено-техничката соработка. На турските бродоградилишта се градат воени корвети за пакистанската морнарица, а Турција имаше договор за испорака на борбени хеликоптери на Пакистан, но поради санкциите од страна на САД кон Пакистан, Турција го откажа договорот, бидејќи моторите на хеликоптерите се произведуваат во САД. Турција во Афганистан има распоредено воен контингент како дел од воените сили на НАТО, и турската „Smart и soft power“ е силно присутна и застапена во Афганистан.

Турција исто така распореди воена база во Сомалија и бара, заедно со Русија и Кина, да го прошири своето воено-политичко и економско присуство во североисточна Африка. Во Сомалија е силно присутна турската „Smart и soft power“.

Турција неодамна изјави дека во случај на војна помеѓу Ерменија и Азербејџан, Турција воено ќе го помогне Азербејџан. Доколку дојде до тоа, Турција ризикува воен судир со Руската Федерација која е сојузник на Ерменија, како и со Организацијата за Колективна Безбедност, во која што членуваат Ерменија и Руската Федерација, како и најголемиот дел од државите од бившиот Советски Сојуз.

Турција под водство на Ердоган се повеќе се врти кон Отоманскиот период од историјата, во кој што Турција беше најсилната империја на Блискиот Исток. Турција под водство на Ердоган има за цел возобновување на Отоманската империја, и на нејзината сила и величина. Но Турција нема ни економија која што е способна да го издржи сето тоа, ни воена флота за тие цели, а ни сојузници кои што ќе и помогнат во остварувањето на своите амбициозни цели. Не е исклучено во иднина да и се случи втора Лозана на Турција.

Пишува: Дарко Тодоровски

Коментари

коментари

error: Content is protected !!