понеделник, 21 септември, 2020

Комисијата за заразни болести утре има важен состанок за младите – какви се очекувањата?

Веќе пет месеци нашата земја е во пандемија од корона вирусот, а како минува времето, се поблизу сме до септември и почетокот на нова учебна година, која не се знае дали ќе биде онлајн или со физичко присуство на учениците.

Утре ќе се одржи состанок на Комисијата за заразни болести со претставници од Министерството за образование и наука, со една единствена цел – како да функционира стартот на учебната година.

Проблем за МОН е што министерот Арбер Адеми е позитивен на корона вирус, поради што истиот нема да може да присуствува на средбата и неизвесно е колку во негово име ќе можат да одлучат останатите претставници.

Во изјава за порталот Фактор, членот на комисијата и директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р. Ангелчо Андоновски истакна дека се уште немаат разговарано за прецизен модел како ќе се одвива наставата од септември, но дека Комисијата е задолжена за здравствените протоколи, а организацискиот дел треба да го преземе Министерството за образование и наука.

-Ако биде одлучено наставата да се одвива со физичко присуство на децата најверојатно тоа ќе подразбере сменско работење, со точно утврдени здравствени протоколи, односно одржување потребно растојание, редовна дезинфекција на училниците, задолжени контролори од страна на училиштата за мерење температура и носење заштитни маски. Сето ова навистина треба добро да се осмисли и да се организира безбедно одржување на наставата, изјави за Фактор, Андоновски.

Не е познато и како ќе функционираат факултетите од следната сезона, за што во низа прашалници се наоѓаат и самите студенти. Аплицирањето за студентските домови треба да започне од 27-ми јули, со електронско пополнување на пријавата, а подоцна и лично студентите ќе треба да ги однесат документите во домовите.

Дополнителен проблем за студентите е што веб-порталот на МОН е хакиран веќе трет ден и истиот не е достапен, па студентите не можат да аплицираат за место во домовите, иако рокот тече.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!