вторник, 18 јануари, 2022

ОФИЦИЈАЛНИ БРОЈКИ СПОРЕД ДИК: СДСМ е во водство, еве за колку пратенички мандати

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 44 пратеници, ДУИ 15 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА еден, покажува најновата симулација на Државната изборна комисија врз основа на првичните неофицијални резултати од вчерашните предвремени избори парламентарни избори од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места.

Најмногу гласови 324.084  или 36,12 отсто има коалицијата на СДСМ, пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 312.745 гласа или 34,85 отсто, ДУИ 101.432 или 11,3 отсто, Алијанса за Албанците и Алтернатива 76.425 или 8,57, Левица 37.057 или 4,16, а ДПА 13.553 или 1,52 отсто.

Првичните резултати од изборите се уште се само повремено видливи на веб сајтот на Државната изборна комисија, кој синоќа падна поради, како што кажа првиот човек на комисијата Оливер Дерковски, надворешни хакерски напади. ДИК најави дека денеска по прибирањето и обработката на сите пристигнати материјали ќе ги соопшти првичните резултати од изборите и распределбата на пратеничките мандати.

На  десеттите парламентарни избори, кои првпат во актуелните услови на пандемија на коронавирусот траеја три дена, правото на глас го искористија околу 923 илјади граѓани или приближно 51 отсто од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Конститутивна седница на Собранието најдоцна за 20 дена, треба да ја свика Џафери

Најдоцна 20 дена од одржувањето на изборите треба да се одржи конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија, а седницата ја свикува претседателот на претходниот состав, во случајот Талат Џафери.

Собранието ќе го сочинуваат 120 пратеници, кои ги претставуваат граѓаните и одлучуваат по свое уверување.

Согласно Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието и почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Во членот 63 од Уставот е предвидено, доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Во Уставот е предвидено претседателот на Република Северна Македонија во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!