петок, 29 септември, 2023

Во Србија е пред најлошото: Вучиќ најави обраќање – граѓаните излегуваат на улица, активирана цела полиција

После вчерашните шротести во Белград по повод најавениот полициски час од страна на претседателот Александар Вучиќ, за денеска демонстрантите најавуваат нови собири низ улиците на Белград, односно пред зградата на Собранието.

Десетина илјади луѓе вчера протестираа поради најавените нови рестриктивни мерки за спречување на коронавирусот. Граѓаните се револтирани бидејќи властите ги укинаа мерките само да се одржат изборите, а сега кога поминаа одново да има нови мерки.

Беа повредени околу 70 лица, меѓу кои и 43 полицајци. Полицијата мораше да употребува и солзавец да ги растера демонстрантите кои упаднаа и во Собранието.

Претседателот Александар Вучиќ ќе се обрати пред медиумите во 15 часот, каде што ќе ги осуди вчерашните нереди, и ќе порача да не се собираат повторно.

Српската премиерка Ана Брнабиќ ги осуди вчерашните протести и инциденти пред Парламентот обвинувајќи ги политичарите кои според неа се обидувале да добијат политички поени при најголемата криза.

„Бидејќи не можеа да влезат во Собранието на изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилно лице, обидувајќи се да добијат политички поени во најголемата криза од Втората светска војна“, стои во писмената изјава на Брнабиќ.

Таа нагласи дека државата и сите нејзини институции ќе го штитат правниот поредок.

Европската Унија реагираше со куса изјава на вчерашните случувања во Србија каде граѓанските протести поради повторното воведување на полицискиот час доведоа до полициска бруталност, јави дописничката на МИА од Брисел.

Коментирајќи го повторното воведување на полицискиот час, Европската Комисија порача дека „заштитата на животите и здравјето на луѓето мора да биде прв приоритет“ и дека на владата во Србија е да оцени кои мерки треба да се воведат, врз база на научни и епидемиолошки податоци.

Што се однесува до самите протести, Европската Комисија повтори дека правото на мирен протест е суштинско во демократско општество.

-Рестриктивните мерки не смеат диспропорционално да ги повредат основните права и слободи и мора да бидат временски ограничени на тоа што е строго потребно. Ова исто така важи и за правото на мирен протест, основно право во демократско општество. Истовремено, јавниот ред мора исто така да биде гарантиран, изјави Ана Писонеро, портпаролката на Европската Комисија за проширување.

Коментари

коментари