Милан со пресврт до победа над лидерот Јувентус

Неверојатен меч со шест гола во вториот дел и чудесен пресврт од 0:2 до 4:2 за Росонерите во период од 62. до 80. минута

Милан и Јувентус одиграа атрактивно второ полувреме со шест гола, а чудо се случи на „Сан Сиро“ и го режираа домаќините за неполни 20 минути.

Миланезите го нокаутираа шампионот со покер голови што го почнаа во 62. минута и го завршија во 80. минута, откако претходно Јувентус најави победа со головите на Рабио и на Роналдо.

Особено атрактивен беше голот на францускиот интернационалец во 47. минута, кога претрча голем дел од теренот и соло-акцијата ја круниса со прекрасен погодок.

Кога во 53. минута погоди и Кристијано Роналдо се чинеше дека приказната на дербито заврши, а бодовите ќе ги однесе гостинот од Торино.

До тој момент Милан речиси и немаше ниту една шанса за гол, но домаќините на чудесен начин се разбудија и набрзина го нокаутираа лидерот во Серија А. Пресвртот го најави Златан Ибрахимовиќ со гол од пенал во 62. минута, а клучни за неверојатниот пресврт беа следните пет минути.

Кеси израмни во 66. минута по асистенцијата на Ибрахимовиќ, а Шчесни по вторпат ја вадеше топката од мрежата.

Веќе во следниот напад Милан го комплетира пресвртот, а стрелец беше Португалецот Леао, кој влезе како резерва во второто полувреме.

Победата на Милан ја запечати Анте Ребиќ по големата грешка на Алекс Сандро. Бонавентура искористи и му сервираше зицер на хрватскиот репрезентативец за 4:2 и победа на Росонерите во необичен меч, со сите шст гола постигнати во второто полувреме.

Јувентус и со пораз остана на првото место со 75 бода, 7 повеќе од Лацио и 11, односно 12 пред Интер и Аталанта, кои имаат одиграно по еден меч помалку.

Милан е на петтото место на 7 кола до крајот на сезоната со 49 бодови.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!