Тажна информација доцна во ноќта: Почина уште еден медиумски работник од Ковид-19 во Македонија

Камерман кој работел во студиото на Македонската радио телевизија вечерва починал од коронавирус.

Шенол Ахмети се заразил од Ковид-19 во последнава недела, а за само неколку дена состојбата му се влошила и завршил на респиратор. Вечерва тој ја загубил битката со коронавирусот, пренесе Телевизија 21.

Информацијата ја потврдуваат и од МРТ 2, програма на албански јазик.

„Вечерва и ние изгубивме еден колега, еден член од нашето семејство“, велат од МРТ.

Ова е трет смртен случај на медиумски работник во Македонија кој за жал ја изгуби битката со Ковид-19, животот го загубија и водителот Драган Вучиќ, како и колега од ТВ Спектра, Лабуништа.

Вечерва се случи и непријатна ситуација во ГОБ – 8 септември, за што брзо реагираше и министерот Венко Филипче, еве што напиша тој:

Вечерва во Градската општа болница „8 Септември“, докторка беше нападната од семејство на пациентка која по неколку дена болничко лекување почина од коронавирусот.

Во случајот интервенираше полицијата која приведе неколку члена од семејството на починатата. Тие се обиделе насилно да го земат телото без да го спроведат соодветниот протокол за лица починати од ковид-19.

Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата.

Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент.

Колегите кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани. Цврсто сум уверен дека тие постапиле професионално и согласно протоколите и ги повикувам надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно.

Коментари

коментари