Најлошото допрва доаѓа, корона вирусот станува посилен, а се појави и нов вирус

Светската здравствена организација го предупреди светот дека, кога станува збор за пандемијата Ковид-19, најлошото допрва доаѓа.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека вирусот ќе зарази многу повеќе луѓе доколку владите не започнат со спроведување соодветни и правилни политики, пренесува Би-Би-Си.

Неговата порака е: „Тестирање, следење и откривање на контактите, изолација и карантин“.

Гебрејесус на видео брифингот рече: „Сите ние сакаме ова да заврши. Сите сакаме да продолжиме со нашите животи. Но, реалноста е дека пандемијата не е ни близу до крајот. Иако многу земји постигнаа напредок, глобалната пандемија всушност забрзува“.

Тој, исто така, апелираше до што е можно повеќе влади да ги следат примерите на Германија, Јужна Кореја и Јапонија, кои го контролираа ширењето на вирусот со политики кои вклучуваат ригорозно тестирање и следење и откривање на контактите.

Повеќе од 10 милиони случаи се пријавени ширум светот откако коронавирусот се појави во Кина кон крајот на минатата година. Бројот на починати е над 500 илјади.

Половина од случаите во светот беа во САД и во Европа, но Ковид-19 сега рапидно се шири низ американскиот континент. Вирусот влијае и на Јужна Азија и Африка, каде што врвот не треба да се очекува пред крајот на јули.

Во Кина откриен нов вирус кој би можел да стане пренослив од човек на човек

Кинеските научници предупредуваат дека откриле нов вирус што е сличен на свинскиот грип од 2009 година.

Како што пишува „Би-би-си“, вирусот може да се пренесе на луѓето, а за главен носител се сметаат домашните свињи. Истражувачите се загрижени дека вирусот може да мутира и да стане лесно пренеслив од човек на човек и да доведе до нова епидемија.

Вирусот засега не е проблем, но научниците стравуваат дека ги покажува сите знаци на брзо прилагодување на луѓето и има потреба од внимателно следење.

Новиот вирус е сличен на свинскиот грип, но има некои разлики.

Истражувачите го нарекоа G4 EA H1N1 и велат дека може да се сместува и да се размножува во клетките, што ги покриваат дишните патишта на човекот. Овој вирус бил пронајден кај работници во кланиците во Кина.

Сегашните вакцини против грип не штитат од него, но експертите велат дека препаратите може да се модифицираат и да понудат заштита од G4 ЕА H1N1.

Коментари

коментари