Експерти „На светот после КОВИД-19 му е потребна соработка, а не санкции“

Среде пандемијата на КОВИД-19, од 15-ти до 19-ти јуни се одржа голем Меѓународен онлајн самит „КОВИД-19 Глобални предизвици“.. За време на самитот, водечки економисти, политичари, новинари и експерти од повеќе од 20 држави од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, Африка, дискутираа за предизвиците и промените со кои што се соочи светот за време на пандемијата, како и за бројните слаби точки во светската економија и политика, кои што ги разголи и ги извади на виделина КОВИД-19. Во текот на 100-те дена со КОВИД-19 светот беше сведок на низа настани и лекции кои што го менуваат од корен геополитичкиот и геокономскиот релјеф во светски рамки.

Главна тема на самитот беше геополитиката и геоекономијата во услови на пандемијата. Целото светско внимание е насочено кон пандемијата, која што на површина ги извади сериозните проблеми и несогласувања помеѓу ЕУ и САД, како и САД и НР Кина. Светот денес се повеќе наликува на 1914 година, а ширум светот гледаме разместување на фигурите на шаховската табла.

Експертите во еден глас се согласни дека центарот на светската економска, политичка, воена и технолошка моќ се сели на исток, во Азија, и дека влијанието и моќта на САД полека се намалува на светско ниво. Експертите исто се согласуваат дека односите помеѓу САД и ЕУ постојано деградираат, особено како резултат на надворешната политика на САД, која што не ги зема во обзир интересите на ЕУ. САД во преден план ги ставаат своите интереси и полека ја напуштаат Германија и Европа, и при тоа Вашингтон бара од Берлин и Брисел да ја продолжат анти-руската политика и да ја сметаат Москва за свој главен непријател. Во последно време актуелни се и низа скандали во кои се вмешани разузнавачките служби на САД и начинот на нивното работење во Европа, кое не е во склад со сојузничките односи помеѓу САД и ЕУ.

На самитот експертите од Германија, Индија, Велика Британија, Русија, Франција, Јапонија, САД, Ирак, Јемен, Гана, Египет, Србија, Бразил и другите држави изјавија дека сме сведоци на „идеална економска бура“ и во еден глас испратија моќна порака дека за излез од економската криза и рецесија е потребно светската економија да биде отворена, и дека е дојдено времето за укинување на економските санкции ширум светот, а не е време за воведување на нови санкции и за протекционизам. Најгласни од сите беа експертите, политичарите, економистите и новинарите од Германија, кои што зборуваа за важноста Европската унија да има независна надворешна и воена политика. Потребно е Европа да создаде своја автономна и независна структура и систем на одбрана и надворешна политика, за да биде равноправен партнер и играч со останатите светски сили.

Мајкл Шуман (претседател на Федералното здружение за економски развој и меѓународната трговија на Германија) изјави дека „Германија мора да се оддалечи од доминацијата на САД и да се фокусира на нејзините интереси. Треба да се свртиме кон Кина и Африка, Индија и секако кон Руската Федерација. Конечно, ние мора да преземеме целосна одговорност за нашата судбина“. Шуман додаде дека „Германија треба да се оддалечи од трансатлантските врски, пред се НАТО и сојузништвото со САД.“

Според него, создавање на имиџ на непријатели од НР Кина и Руската Федерација за кое се залага САД, санкционираниот прекин на економските и трговските врски – тоа се аспекти што ќе го попречат брзото излегување на светската економија од рецесија а светот ќе го турнат во нова Студена Војна и трка за вооружување. Шуман смета дека по глобалната пандемија, неопходно е веднаш да се отстранат санкциите против Руската Федерација што не носат никакви политички дивиденди ниту на Берлин ниту во Вашингтон, и тие носат само непотребни проблеми во бизнисот, како и го спречуваат решавањето на голем број проблеми и регионални конфликти во светот. Од санкциите спрема Руската Федерација силно страда ЕУ, и пред се германската извозна економија. Загубите на ЕУ од санкциите и контра-санкциите спрема Руската Федерација изнесуваат повеќе од 200 милијарди евра, и погодени се стотици илјади компании и работни места ширум ЕУ.

Во исто време, во Германија избувнува скандал околу плановите на Трамп да повлече дел од американските трупи од Германија. Шуман „забележа дека владата на Меркел, потпирајќи се премногу на надворешните сојузници, не посветува доволно внимание на националната одбрана.“

Шуман го привлече вниманието на публиката кон новите безбедносни предизвици поврзани со пандемијата – јакнење на миграциските текови, ширењето на локалните конфликти, со кои може да се справи само нов трансформиран национален безбедносен систем.

Миријам Катерина Цвингли, економист од Германија чија што специјалност се германско-руските дипломатски и економски односи смета дека мирот и стабилноста на долг рок во светот се можни само со соработка со Руската Федерација. Сепак, Западот, пред се САД и Велика Британија намерно ја демонизира Руската Федерација со цел да создаде имиџ на заеднички непријател и да ги оправда зголемените буџетски трошоци за одбрана и за НАТО. Таа повика на укнинување на санкциите против Руската Федерација и за продлабочување на економските контакти и соработки со Руската Федерација на сите нивоа.

Слично мислење има и германскиот новинар, блогер Стефан Осенкоп, кој за време на својот говор на самитот зборуваше за „демонизацијата на Руската Федерација и НР Кина и потребата од директен, отворен дијалог меѓу светските сили и нивните лидери, со цел да се создаде унифициран систем на заштита од пандемии и да се спречат барем најнегативните последици во светот од економската криза.“ Стефан исто истакна дека „Европа треба да се ослободи не само од КОВИД-19, туку и од геополитичкиот, идеолошки вирус што ги тера Европејците да мислат дека треба да имаат само еден стратешки партнер – САД“. Според него, либералната елита и претставниците на американско воено-индустрискиот комплекс намерно ги оцрнуваат НР Кина и Руската Федерација, принудувајќи го Западот да им се спротивстави.

Покрај тоа, експертите забележаа дека на фонот на борбата против КОВИД-19, должното внимание и публицитет не го добија жестоките американски санкции воведени против изградбата на гасоводот „Северен поток-2“. Санкциите директно влијаат на интересите големите европски држави и на големите европски компании кои работат во овој сектор на економијата, како и милиони обични граѓани и потрошувачи ширум Европската унија.

Во исто време, околу 18% од гасот што го троши Европа доаѓа од Руската Федерација, а новите санкции и рестриктивни мерки на од страна на САД ги доведуваат во прашање милијардите долари деловни инвестиции, пред се од Австрија, Велика Британија, Германија, Холандија и Франција. Од гледна точкна на меѓународното право САД ги нарушуваат законите и регулативите за слободен пазар утврдени од Светската трговска организација. Руската Федерација, од која Американците наводно ја штитат Европа, има долга историја на беспрекорна работа на пазарот на енергенси и никогаш не ја злоупотреби својата позиција како главен снабдувач на енергија. Во исто време, американскиот течен гас, доколку САД успеат да и го наметнат на Европа, ќе станат сигурен инструмент на притисок врз Европејците.

Претставниците на европската експертска заедница се повеќе се залагаат дека излезот од глобалната пандемија на КОВИД-19 ќе биде обележан со значителни промени во глобалната слика на меѓународните политички и економски односи. Ова првенствено се должи на фактот дека САД продолжуваат да ги кршат утврдените норми на конкурентска борба на светскиот пазар и во исто време ја губат довербата пред се во Западна Европа. Во исто време, Руската Федерација демонстрира непоколеблива постојаност на нејзината позиција за големи светски прашања и демонстрира подготвеност за заемно корисна и соработка на еднакви услови.

Пишува: Дарко Тородовски

Коментари

коментари