Дијана Петрова со втора книга – „Не правете им сенка на гробовите“

„Не правете им сенка на гробовите“ е насловена втората прозна објава на младата Дијана Петрова. Книгата раскази се појави како издание на „Антолог“ од Скопје и ќе биде промовирана овој четврток на 25 јуни во 20 часот, на платото пред Младински културен центар Скопје.

По само една година од деби објавата, романот „Бдеењето над себе“ за кој го доби признанието за афирмација на македонскиот јазик и литература од издавачот „Нов Вавилон“ од Битола, Дијана Петрова еве ја со нејзината втора книга. Станува збор за збирката раскази насловена „Не правете им сенка на гробовите“, што како издание на „Антолог“ се појави неодамна и чија промоција е закажана за овој четврток на 25 јуни во 20 часот, на платото пред Младински културен центар Скопје.

Промотори на книгата ќе бидат Фросина Пармаковска и Марија Гиревска, а модератор Тамара Котеска.

„Збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ е мошне возбудливо и уникатно четиво поделено во седум дела со по три целини насловени според седумте смртни гревови – секоја од нив е едно посебно патување внатре низ светот што Петрова го гради со филантропска вештина и внатре низ светот на секој оној што ќе тргне по овие наративни патувања. Светот во кој авторката нè води е и обичен и необичен, мистериозен и банален, близок и далечен, населен со ликови со широка палета од најразлични особености во чија бизарност, сепак, лежи човечкото. (…) Оваа книга остава жиг, не на телото, туку на душата на читателот, кој сака да тргне во една ваква силна и возбудлива авантура и поради тоа, како и поради зрелоста, умешноста, мудроста на овие раскази, односно на нивната авторка, пишува меѓу другото во својата рецензија Фросина Пармаковска.

Од друга страна, Ангелина Бановиќ – Марковска, во својата анализа забележува: Градени врз идејата за гротескно справување со смртта, расказите на Петрова се свесно исконструирани бизарни приказни што го водат разумот во еден онирички хронотоп, базиран врз добропрепознатливата опозиција невино наспроти грешно. Со оглед на фактот дека во нив препознаваме една урбана логика, базирана врз содржини и теми од реалноста, можеме да кажеме дека во својот најнов ракопис Петрова негува еден нов „трики реализам“ на кој ревносно му се враќа во секој нареден расказ.

Темите на нејзините раскази осветлуваат секојдневни ситуации, но на еден бизарен и на моменти гротескен начин. Затоа, повеќето од нив добиваат интересна фокализација. Некои дури и содржат психопатски призвук, па затоа би рекла дека се наменети за читатели со здрав желудник и без предрасуди, потенцира Бановиќ – Марковска.

Дијана Петрова, од своја страна, вели дека во својата втора книга „Не правете им сенка на гробовите“ се бави со седумте смртни гревови, со страшните искушенија на човековата душа. Со гневот, сладострастието, алчноста, гордоста, мрзливоста, зависта и ненаситноста.

Во расказите се присутни некои човечки карактеристики коишто сакав да ги претставам како посебни ликови и мислев дека со таквото дефинирање, со давање име на тие карактеристики дека полесно ќе бидам сфатена. Дека полесно ќе ми биде сфатена идејата. И од тука дојде за да ги именувам по седумте смртни или седумте тешки гревови, вели писателката.

Таа дополнува дека нејзе како авторка ја интересираат однесувањата на луѓето во одредени ситуации и нивните карактерни особини.

Однесувањето на конкретни личности, сите тие приказни, на некој начин ми биле инспирирани од конкретно однесување на некои конкретни луѓе. Најчесто и од мое однесување…па затоа сето напишано се врзува со времето во кое живееме, однесувањето на луѓето, нивните желби, тагата, страстите на луѓето и слично.

Целиот текст прочитајте го на Слободнаевропа.мк

Коментари

коментари