Во Хрватска ќе бидат откриени спомен плочи во чест на Советските и Британски херои од Втората Светска Војна

Пишува: Дарко Тодоровски

Денес, 23 јуни, во пресрет на Парадата на Победата во Москва, во Загреб (Хрватска), ќе се одржи свечено отворање на спомен-плочата во чест и спомен на вработените во советската воена мисија под Врховниот командант на Народноослободителната армија на Југославија (АВНОЈ) Маршалот Тито.

За време на воените години 1941-1945 година, повеќе од 2.600 советски воени советници и специјалисти ја посетија Југославија, од кои 13 беа наградени со една од највисоките југословенски награди – Орден на народниот херој. Само во 1944 година, Народноослободителната армија на Југославија од Советскиот Сојуз доби воена помош од 350 борбени авиони, 65 тенкови, 579 артилериски системи од различен калибар, 170 противвоздушни топови, повеќе од 3.300 минофрлачи, 500 тешки митралези со голем калибар, околу 67 илјади автоматски пушки и лесни митралези, 53 илјади карабини и пушки, голем број муниција и многу друга различна воена опрема и техника. Целата оваа помош беше обезбедена од Советскиот Сојуз бесплатно.

Лидерите на мисијата, генерал-полковник Николај Корнеев и полковник Илја Старинов, дадоа голем придонес во обуката на персоналот на Народноослободителна армија на Југославија и во координацијата на заедничките воени операции и акции. Одделно, се планира да се овековечи споменот на верниот британски пријател на Југославија, генерал мајор Фицрој Маклин, еден од ретките британци кој што беше награден со Советскиот воен орден на „Кутузов.“

Имено, влијанието на овој храбар и значаен британски генерал мајор и дипломат ги натера западните држави од Антантата да се насочат кон воена и дипломатска поддршка на АВНОЈ. Иницијатор за овековечување на сеќавањето на советските војници и нивниот западен сојузник беше Сојузот на антифашисти и ветерани на Република Хрватска (САБА РХ), чиј лидер Фрањо Хабулен, во пресрет на 22 јуни, ја претстави спомен плочата пред Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ, како дел од настаните во чест на Антифашистичката борба што се славеше во Хрватска на 22 јуни.

Симболично е што отворањето на спомен плочата е планирано на улицата Павла Хаца 16 во Загреб, каде што се наоѓаше зградата на злогласната Гестапо за време на Втората светска војна. Двете спомен плочи ќе бидат симбол на соработката на сојузниците од Антантата и нивниот придонес во победата над Нацизмот и Фашизмот не само на Балканот и во Европа, туку и во светот.

Коментари

коментари