Турција и Египет се на работ на вojнa во Либија

Деновиве светот е сведок на можноста од директен воен конфликт помеѓу Турција од една страна и Египет од друга страна во Либија. Северна Африка како и Близкиот Исток не мируваат во последните 200 години. Во позадината на судирот помеѓу Турција и Египет се крие борбата за превласт и доминантно влијание во муслиманскиот и арапскиот свет како резултат на слабеењето на Саудиска Арабија и нејзината моќ. Турција заедно со Катар се борат да го превземат приматот во муслиманскиот свет, додека пак Египет, со поддршка на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Јордан, и на Саудиска Арабија се борат да ја задржат доминацијата кај муслиманите и во арапскиот свет. Турција под водство на Ердоган сака да ја врати славата на Турција од времето на Османската Империја, додека пак Египет сака да ја врати силата и моќта на Египет од времето на фараоните. Во некогаш богатата и просперитетна Либија денес се кршат копјата за превласт на Близкиот Исток, и истата таа Либија во која што има двовластие тоне во хаос, урнатини и воени судири со големи цивилни жртви.

Либија после Гадафи

Во 2011 година светот го обиколија сцените од граѓанската војна во Либија, од воената операција на НАТО и шокантните сцени од јавната егзекуција на Моамер Гадафи. Почнувајќи од 2011 година Либија потона во граѓанска војна, хаос и немири кои што траат до ден денес. Тоа е цената на демократијата низ која што Либија е должна да помине. НАТО, а и светот, после уривањето на Кадафи не излезе со конкретен план и стратегија за стабилизирање, помош и нормализирање на Либија, а со тоа и на Северна Африка. Франција и Италија си ги распределија најголемиот дел од нафтените наоѓалишта и рафинерии во Либија и немаа интерес за изградба на функционален систем, државни институции и економија во Либија. Од тогаш во Либија владее двовластие, има две армии и полиции, има две влади, едната е во Триполи под водство на Сараџ, неговата влада е призната од ООН, и тој е претседател на претседателскиот совет на Либија. Другата страна во конфликтот е во Бенгази, под водство на Маршалот на Либиската Национална Армија Хафтар, кој што доби ингеренции и власт од Претставничкиот дом да ја поврати контролата и да ја стабилизира Либија. Во Либија до ден денес како и во голем дел други арапски држави пресудно влијание и значење имаат племињата и семејните кланови, меѓу кои што владеат нетрпеливост и тие постојано се во конфликти и судири. Тие ги сочинуваат основите на двете армии кои што војуваат меѓу себе, но нивната воена подготовка, воена техника и опрема е на многу низко ниво. Не се ни работи за армии во правилна смисла на зборот, туку секое племе, и секој град си има свои единици и милиции.

Сараџ ја ужива поддршката на Турција, Катар и Италија, кои што му обезбедуваат дипломатска поддршка, но и воена, пред се Турција и Катар.

Маршалот Хафтар ја ужива поддршката од Египет, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Франција, Грција, Израел и од Русија, и тој добива огромна воена помош од Обединетите Арапски Емирати, од Египет и од Јордан.

Се до 2019 година граѓанската војна помеѓу двете страни беше позициона, со спорадични инциденти и воени операции, но без некои посериозни судири, и големи воени операции на терен. Приоритет тогаш беше уништувањето на ИГИЛ и на неговите упоришта во Либија. ИГИЛ претставуваше сериозна закана не само за Либија, туку и за целиот регион, пред се Египет и Алжир, и за Европа. По неутрализацијата на ИГИЛ, двовластието и несогласувањата во Либија продолжија и понатаму. Како резултат на тоа Либија не е функционална држава.

Екскалацијата на конфликтот во Либија

На 4-ти април 2019 година Маршалот Хафтар со поддршка на ОАЕ објави воена операција со цел освојување на Триполи, главниот град на Либија, со цел ставање на целата држава под негова контрола. Со помош на воената техника од ОАЕ Либиската Национална Армија под водство на Хафтар имаше успеси, и успеа да освои неколку реони и предградија на Триполи, како и меѓународниот аеродром, напредувањето беше запрено, и борбите преминаа во позиционен карактер. Во борбите за Триполи на страната на Хафтар учествуваа и околу 1 200 припадници на приватна воена компанија од Русија, како и воени платеници од Судан. Од Мисрата стигна помош за Триполи, и со нивна помош беше запрено напредувањето на Хафтар. Но Хафтар го имаше Триполи под огнена контрола, се до вклучувањето на Турција во војната. Пред почетокот на офанзивата на Триполи, Турција обезбедуваше дипломатска поддршка на владата во Триполи. Но по почетокот на офанзивата, Турција започна со директна воена поддршка. Турција во Триполи испрати околу 12 000 сириски бунтовници, припадници на своите тајни сужби, ги распореди своите ударни дронови, обезбеди воздушен мост на релација Истанбул со Мисрата и Триполи, и започна со доставка и на оружје и воена техника, од тенкови, ПВО системи, до системи за радио-електронско војување. Силите на владата од Триполи со помош на Турција преминаа во широка офанзива на целиот фронт. Турската и Италијанската воена морнарица патрулираа во околината на Триполи и собираа разузнавачки информации за владата и силите во Триполи. Тоа го смени текот на војната и силите на Хафтар претрпеа серија на воени порази и беа приморани да се повлечат на повеќе од 200 км од Триполи. Се закануваше рушење на одбраната на Хафтар и уништување на неговата армија. Сириските бунтовници и турските воени дронови имаа круцијална улога во воените победи на владата во Триполи.

Конфликтот помеѓу Турција и Египет во Либија е неизбежен?

Со парична помош на ОАЕ, Хафтар набави 19 борбени авиони од Русија, кои што треба да му помогнат да ја поврати инцијативата на своја страна. Како резултат на воените успеси на Турција и Катар во Либија, 11 мај под водство на Египет беше формиран анти-Турски сојуз во кој што влегоа Франција, Обединетите Арапски Емирати, Грција и Кипар, со цел спречување на растот на влијанието на Турција во Средоземното море и во Либија.

На 6 јуни 2020 година, египетскиот претседател ал-Сиси објави нова иницијатива за прекин на огнот во Либија, која предвидува прекин на огнот и политичко решение. Таканаречената Декларација од Каиро беше објавена по преговорите на ал-Сиси со Маршалот Хафтар и претседателот на Претставничкиот дом на Либија А. Салех. Претседателот на Египет повика на разоружување на милициите кои се борат во Либија, како и за повлекување на сите платеници од земјата. Планот на Сиси е воената линија да минува кај градот Сирт, кој што е од круцијална важност за нафтената индустрија на Либија, додека пак Ердоган бара Сирт и воениот аеродром во неговата околина да се под контрола на владата во Триполи.

На 7-ми јуни, претседателот на парламентот на Египет Абдел Ал јавно ги осуди воените активности на Турција во Либија кои што доведоа до серија порази на сојузниците на Египет во Либија, и изјави дека Египет нема да седи со скрстени раце и немо да гледа, и дека Египет ќе ја заштити Либија и нема да дозволи појавување на Турција и нејзиното влијание на границите на Египет. После неговата изјава започна распоредувањето на моќната египетска армија долж границата со Либија, и можно е да ги видиме египетските тенкови како преку пустините низ Либија јуришаат на Триполи.

Владата во Триполи со поддршка на Турција ја отфрли Декларацијата од Каиро и Сараџ, и претседателот на претседателскиот совет на Либија одлета за Турција на итни консултации и договарање на натамошните заеднички акции. Како резултат на тоа, Египет започна со големи воени маневри на својата армија, воена авијација и морнарица во близина на Либија. Повеќе информации говорат дека Египет и Сиси се спремни за директна воена операција во Либија со помош на воената авијација на ОАЕ. Египетската Армија е во стратешка предност пред Турската, Египет граничи со Либија, има воени аеродроми во близината на Либија, додека пак Турција ќе биде приморана да врши транспорт и доставка на своите сили по поморски и по воздушен пат.

Во Либија продолжуваат воените судири, и после серијата тешки порази и повлекувања Либиската Национална Армија под водство на Хафтар успеа да го стабилизира фронтот и да изврши неколку воздушни напади и операции против воените сили на Триполи. Зад очите на јавноста продолжуваат преговорите за мир, и покрај Каиро и Истанбул, главни за постигнувањето на мир се и Москва и Берлин, каде што годинава имаше две мировни конференции за Либија под покровителство на големите сили, но истите не доведоа до мир во Либија.

Турската и Египетската армија се во 20-те најмоќни армии во светот, и евентуалниот конфликт помеѓу нив на тлото во Либија може да доведе до сериозен регионален конфликт на Близкиот Исток и во Северна Африка, кој што може да го турне целиот регион во хаос. Потребно е дипломатијата и гулабите на мирот да го решат проблемот со Либија на преговарачка маса, пред да почне грозниот звук пушките и топовите. На потег е дипломатијата, да успее да го спречи конфликтот помеѓу овие две држави, така што и двете ќе ги зачуваат своите зони на влијание во Либија, како и својот образ и чест. Доколку војната е неизбежна, на долги стази сојузот предводен од Египет ќе одржи воена победа во Либија.

Пишува: Дарко Тодоровски

Коментари

коментари